Достапни линкови

logo-print

Ќе ја разреши ли седницата дилемата дали станува збор за усмен или писмен договор?


ВМРО ДПМНЕ ја прифати иницијативата за одржување на итна седница. Премиерот никола Груевски изјави дека на седницата ќе бидат повторени веќе кажаните работи во Брисел, односно дека на разговорите со ДУИ била постигната усна согласност:

„Ние немаме што да криеме. Јас сакам да им се заблагодарам на иницијаторите на седницата, затоа што долго време не успеавме да ги наговориме, на наша покана да дојдат за да разговараме за тие прашања.“

Дилемите ги предизвика решението за законот за јазикот да се најде во Деловникот, на што инсистира ДУИ, додека премиерот порача:

„Ниту една партија во македонија не треба да се надева на двојазичност. Затоа што тоа го нема ниту во Уставот, ниту во Рамковниот договор.“

Како и да е најавата на премиерот е дека ќе инсистира седницата да се одржи што е можно побрзо. Од овој чекор, во меѓувреме се откажа коалициониот партнер ДПА, откако претходно дел од нејзините пратеници ја потпишаа иницијативата. Ружди Матоши објасни дека иницијативата била покрената пред заминувањето на премиерот во Брисел, но оти по неговото враќање работите се многу појасни:

„Во Брисел изјавата што ја даде премиерот беше многу јасна, и нашата група зазеде став дека ќе ги повлече тие потписи.“

Ермира Мехмети од ДУИ останува на ставот дека премиерот не го почитува Договорот, законот за јазикот да се најде во Деловникот:

„Нам не ни пречи г-динот Груевски пред Парламентот да го образложи договорот, точките јасни, се знае за кои прашања се однесува договорот.“

По средбите на премиерот во Брисел пристигнаа јасни пораки дека дијалогот треба да продолжи. Со сличен тон се огласи и американскиот амбасадор Џилијан Миловановиќ која порача дека и вербалните договори се договори, односно дека работните групи треба да ја продолжат работата по прашањата за кои нема заклучок.
XS
SM
MD
LG