Достапни линкови

Долгогодишното отсуство на економски раст е причина за нискиот стандард, велат експертите


Долгогодишното отсуство на економски раст во земјата е причината за нискиот стандард на македонските граѓани. Вака економските експерти ја коментираат последната анализа на одделот за статистика при Европската Комисија, според која Македонија има најнизок просек на плати во Европа. Имајќи ги предвид современите потреби на граѓаните во земјава, платите не се доволни дури и за пополнување на потрошувачката кошница на едно четиричлено семејство, објаснува проф. Јован Пејковски:

„Ако порано немало трошоци за интернет, сега тоа треба да биде сватено како неопходна потреба и така да се калкулира и оттаму потребите стануваат се поизразени, а според тоа проценките за тоа што е животен стандард, како треба да се движи, треба да евалуира.„

Ако продолжи растот на индустриското производство во земјава, може да се очекува пораст на платите, посочува Пејковски. Според него има и други фактори кои можат да го зголемат стандардот на граѓаните:

,,Доколку се зголемуваат инвестициите, доколку раснат инвестициите во поглед на отварање на нови работни места, отварање на нови погони, тогаш и ефектот што влијае на животниот стандард ќе биде зголемуван.“

Покрај тоа што Македонија има најниски плати, според анализата на Еуростат, во земјава има најниски цени на храна, пијалоци и тутунските производи, што ја прави една од најевтините држави во Европа. За граѓаните пак, просечната македонска плата која изнесува 231 евро, не е доволна за задоволување на основните животни потреби:

„38 години стаж имам под Биро сум и земам само 3,800 денари.“

„Со кредити преживуваме.“

„Само 7 илјади денари плата земаме, дали за вода, дали за струја, дали за јадење да се дадат.“


Експертите велат дека по примерот на земјите што влегоа во Европската Унија, и евентуалното членство на земјава во неа, ќе го динамизира економскиот раст, а со тоа ќе ја зголеми и висината на платите. Според аназлизата на Еуростат, засега само во Албанија просечните примања се пониски за 13 евра од македонскиот просек.
XS
SM
MD
LG