Достапни линкови

Водечка улога за решавање на проблемот треба да ја прземе Контакт групата?


Се досега Европската Унија беше силен поддржувач решението на прашањето за идниот статус на Косово да се најде во Советот за безбедност на Обединетите Нации. Но, деновиве Унијата, како да почна да укажува дека тоа можеби ќе биде невозможно и оти водечката улога во решавањето на проблемот треба да ја преземе Контакт групата за Косово.

Додека Соединетите Држави и Европската Унија ја поддржуваат косовската независност, рускиот амбасадор во Брисел Владимир Чизов вели дека шансите за усвојување резолуција во Советот за безбедност се рамни на нула, а српските лидери дека никогаш нема да прифатат независно Косово. Еврокомесарот Хавиер Солана по средбата во Брисел со посредникот Марти Ахтисари пак, рече дека Контакт група која, потсетуваме, за прв пат се појави во деведесетите години и тоа како неофицијално тело каде што големите сили разговараа за крвавите недоразбирања на Балканот, би можело да ја преземе водечката улога доколку не биде постигната согласност во Обединетите Нации.

„Доколку нема можност за договор во Обединетите Нации, сигурен сум дека тој ќе биде постигнат меѓу членките на Контакт групата со што ќе се отвори процесот за преговори меѓу Србија и Косово за она што ние го претставивме во нацрт резолуцијата.“

Изјави Солана, но не прецизира како мисли да го натера Косово да влезе во нова рунда преговори со Србија околу својата иднина, посебно откако во минатата недела во Брисел премиерот Агим Чеку уште еднаш повтори дека такво нешто нема да прифати.
Но, овој чекор со Контакт групата можеби не е толку насочен на преговорите, колку на обидот да се заобиколи Русија. Имено, за разлика од Советот за безбедност, Русија нема право на вето во Контакт Групата. Ален Делетроз, потпретседател на Меѓународната кризна група додава дека со ваквиот чекор Унијата сака да ги надмине и внатрешните несогласувања меѓу повлијателните членки во врска со Косово.

„Она со што овие клучни земји членки би требало да дојдат е јасна изјава насочена кон Москва дека доколку продолжи да го блокира процесот, тогаш европските земји би ја признале независноста што Косово би ја прогласил еднострано.“

Вели Делетроз. Ваквиот потег, според него, ќе и овозможи на Европската Унија да распореди илјада и шестотини европски полицајци на Косово, а без притоа да има некоја потреба од надминување на поделбите во Унијата околу косовскиот статус. Делетроз признава и дека решавањето на Косово надвор од Обединетите Нации ќе ја зголеми веројатноста дека тоа ќе се посматра како препоставка и за другите иредентистички региони во светот. Тука пред се станува збор за таканаречените Замрзнати конфликти на територијата на поранешниот Советски Сојуз.
XS
SM
MD
LG