Достапни линкови

Косовските власти повикуваат на алтернативни патишта


Претставниците на политичките партии на косовските албанци сметаат дека процесот за решавање на косовското прашање во Советот за безбедност на ОН се наоѓа во криза. По одбивањето на Русија да ја прифати новата предлог резолуција тие посочуваат дека треба да се преземат конкретни чекори. Од друга страна, претставниците на србите на Косово велат дека Русија и Кина се одлучни во тоа да не ја подржуваат нова американско-европска резолуција.

Земјите кои ја подржуваат независноста на Косово и косовските институции треба да пронајдат алтернативен пат за решавање на косовскиот статус надвор од Советот за безбедност на ОН, посочуваат претставниците на политичките партии на косовските албанци. Овие коментари следуваат откако Русија остана на ставот да не ја подржува новата резолуција за Косово. Вехби Мифтари од Демократскиот сојуз на Косово истакнува:

„Барањето за усвојување на нова резолуција во Советот за безбедност претставува прва фаза во дефинирањето на статусот. Доколку тоа не се случи, сигурно дека институциите ќе ја преземат одговорноста која ја имаат пред избирачите и граѓаните и ќе го искажат својот став.“

вели Мифтари. И генералниот секретар на опозиционата Демократска партија на Косово Јакуп Красниќи вели дека процесот за косовскиот статус во Советот за безбедност е во ,,длабока криза,,:

„Косовските лидери во соработка со земјите кои ја подржуваат независноста на Косово, треба да направат нова стратегија. Остана, можеби единствениот пат, а тоа е да се прогласи независност и да се испрати официјално барање тоа да се признае.“

истакнува Красниќи. Членот на претседателството на Алијанста за иднината на Косово Ернест Љума укажува дека противењето за политичката воља на народот претставува ризик за стабилноста во регионот:

„Сметам дека се претера со сите варијанти. Треба да се бараат алтернативни патишта надвор од Советот за безбедност, бидејќи веќе е пет до дванаесет.“

предупредува Љума. Од друга страна претставниците на србите на Косово сметаат дека во Советот за безбедност нема да биде усвоена резолуција на која се противат Русија и Кина. Оливер Ивановиќ од Српската листа за Косово и Метохија оценува:

„Она што е ново е тоа дека Кина е се погласна во своите ставови што значи дека ставот на Русија би можел да биде засилен. Мислам дека не е можно да се постигне напредок, посебно не во текот на летото, сите очекувања се дека можеби наесен би можело да има некои нови идеи и напредок.“

вели Ивановиќ. Косовските лидери истакнуваат дека ставот околу временските рокови и другите детали поврзани со процесот за косовскиот статус ќе бидат познати по состанокот во Вашинготн закажан за следната недела со американскиот државен секретар Кондолиза Рајс.
XS
SM
MD
LG