Достапни линкови

Срѓан Керим, претседавач на Генералното Собрание на ОН. Претседавањето со Генералното Собрание на ОН е огромно признание за Македонија


Какво е значењето за Македонија од тоа што Вие ќе претседавате со Генералното Собрание на ОН?

За секоја земја, па и за Македонија тоа не само што е огромна чест, туку е и огромно признание затоа што тоа е највисоката функција во ОН и Македонија како земја која што во минатото користеше услуги на ОН во сверата на кризниот менаџмент, сега станува продуцент, односно земја која што ќе учествува во процесот на усогласување и донесување на најважни одлуки во ОН. И според тоа преземањето на претседателската функција во ОН за Македонија е голема дипломатска победа и признание, а во истовреме голем предизвик, вршејќи ја оваа функција преку мојата личност, да Македонија во светот се промовира како земја која се залага за мир, безбедност, соработка и за решавање на сите глобални проблеми.

Ќе ги наметнете ли на средбите што ќе ги имате прашањата важни за Македонија. Еве на пример за името?

Претседателот нема таква улога, неговите обврски се определни согласно статутот на ОН и според тоа претседателот е должен да соработува со сите земји членки за прашања што се на дневен ред на ГС, а националните прашања се работа за националните државни органи. Според тоа претседателот на Генералното Собрание неможе да биде во улога на земена на она што треба да прави претседателот на државата или на Владата.

Кога може да се очекува разрешница за прашањето за името?

Тоа прашање тешко дека може да се реши преку прогнози од било кој тип. Тоа е прашање кое навлегува длабоко во националните интереси на Македонија, според тоа не е толку битно кога тоа ќе биде, туку како ќе се реши, а тоа е најважното и според тоа и времето треба да биде во функција на едно решение што на каков било начин нема да ги загрози националните интереси на Македонија.

Го комплетиравте ли тимот што ќе работи со вас?

Да, тимот е мошне квалитетен. Има претставници од повеќе земји, пријателски насторени кон Македонија и нормално земји што можат финансиски тоа да го сторат, така што мислам дека можам да бидам сосем задоволен со она што се понуди од страна на земјите членки, тоа ќе бидат 20-тина луѓе кои што ќе бидат пермаментно во функција на извршување на улогата на претседателот на ГС.

Тимот е комплетиран, како течат подготовките за седницата?

Подготовките течат добро, веќе со месеци се работи на подготовка на дневниот ред, на оние прашања што за мене ќе бидат приоритетни како претседател на ГС. И задоволен сум и од одзивот и од реакциите на земјите членки, така што имаме квалитетна основа за работа, а работата не е ни малку едноставна бидејќи има доста сериозни проблеми и големи разлики во погледите за тоа како треба да се решаваат, но затоа сум тука и тоа ќе биде голем предизвик за мене.

Кога ве прашав за името, рековте дека не сте надлежен за тие работи. Поконкретно во што се содржи вашата работа, кои се вашите надлежности?

Надлежностите на претседателот на ГС е пред се да го води Собранието, во текот на својот мандат. Собранието има многу точки на дневен ред, од сверата на мирот и безбедноста, разоружувањето, економскиот развој, буџетски прашања, човековите права, управувањето со Организацијата, борбата против тероризмот, климатските прашања... Со еден збор сите глобални проблеми се ставаат на дневен ред на Генералното Собрание. Претседателот оттука игра многу важна улога на модераторот, и личност која треба да ги познава тие ставови и истите да ги усогласи, а при тоа треба да се донесат и безброј резолуции.

На што ќе се стави при тоа акцентот од сите овие теми?

Во главната дебата ќе доминира прашањето за климатските промени, но во текот на годината сериозно ќе се разгледаат прашањата од областа на борбата против тероризмот, реформата на ОН, а после тоа следат контакти и посети на земјите членки каде што ќе се разговара за специфични прашања врзано за нивните интереси.

Кога на Македонија повторно би и се укажала ваква шанса?

Со оглед на фактот дека регионалните групи секогаш го предлагаат кандидатот за претседателот на ГС, а нашата Источно-европска регионална група има 23 земји, значи во најдобар случај Македонија за 100 години може да смета дека следниот пат би можела да го ,,даде,, следниот претседател на ГС.

На домашни теми. Дали би се кандидирале за претседател на Македонија по оваа функција и доколку размислувате за тоа која опција би застанала зад вас?

За тоа воопшто не размислувам, ниту пак моите преокупации и мисли се движат во таа насока. Ваква одоговорност како што преземам сега, вразна со претседавањето на ГС на ОН е нешто што еднаш во животот на еден човек може да му се случи, таков предизвик, признание и одговорност, така што сиот мој капацитет мора да биде фокусиран во таа насока, и никакви други слични прашања па и ниту ова што сега ми го поставивте не се кај мене на дневен ред.

Македонија Ве кандидираше, а зад вашата кандидатура застанаа сите источноевропски земји. Какви Ви се односите во Македонија, тука пред се мислам на претставници на левицата и десницата во земјава?

Мислам дека и Владата и Претседателот, а посебно министерот за надворешни работи во чиј ресор спаѓа ова прашање, покажаа висок степен на солидарност, подршка и разбирање што нормално не е чудно бидејќи се работи за прашање од највисок национален интерес, ваква шанса тешко дека повторно ќе се добие. Јас сум за тоа се разбира благодарен, меѓутоа одговорноста е исклучиво на мене, според тоа таа подршка беше добра и поволна во фазата кога стана збор за кандидирањето, а сега кога веќе сум избран мора самиот да се справам со сите и добри и лоши страни на оваа функција.

А со опозицијата?

Нема тука опозиција или позиција. Во однос на она што е застапување и претставување на Македонија во светот, и позицијата и опозицијата мора да делуваат од иста заедничка платформа, а тоа е афирмација на Македонија, а се друго е предмет на внатрешно-политички расправии во кои јас ниту имам потреба, ниту сакам да се инволвирам.
XS
SM
MD
LG