Достапни линкови

Буш најави вето и смета дека е рано за повлекување од Ирак


Американскиот Претставнички Дом изгласа закон кој предвидува повлекување на американските сили од Ирак до 1-ви април наредната година. Претседателот Џорџ Буш повторно најави вето, оценувајки дека е рано за такво нешто и оти тоа би внело конфузија кај американските сојузници во регионот. Претходно, Белата Куќа го објави делумниот извештај за прогресот во Ирак и за ангажманот на американските сили.

Американскиот претседател Џорџ Буш соопшти дека во наредниот месец на Блискиот Исток ќе заминат државниот секретар Кондолиза Рајс и секретарот за одбрана Роберт Гејтс со цел да обезбедат поголема подршка за ирачката влада и да ја реафирмираат американската политика за демократски реформи во регионот. Ваквата најава доаѓа откако беше објавен делумниот извештај за прогресот во Ирак, во кој се вели дека во некои области, пред се воено-безбедносни, има напредок, а во некои, како меѓу-верските насилства и законодавството, сеуште нема успех. Комплетниот извештај треба да биде обавен во септември. Но, американскиот Претставнички Дом синоќа усвои Закон со која се бара повлекување на американските борбени сили од Ирак до 1-ви април наредната година. Спикерот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, изјави:

„Војната во Ирак е пречка за нашата целосна посветеност на војната против тероризмот, пред се во Авганистан и на други места. Со овој закон се прави голем чекор напред да ја доведеме оваа војна до крајот.“

Буш најави вето и на овој закон, оценувајки дека Соединетите ДРжави сеуште можат да бидат успешни во Ирак.

„Вистинската дебата за Ирак е меѓу оние што мислат дека битката е загубена или не ги оправдува трошоците, и оние што веруваат дека може да се победи, колку и да е тешка таа битка. Цената на поразот ќе биде многу поголема, а јас верувам во успехот во Ирак.“

Буш повтори дека за повлекувањето на американските сили од Ирак ќе решаваат командантите на теренот, а не политичарите во Вашингтон. Против ваквиот став на Буш, покрај демократите, се и некои конгресмени од неговата Републиканска Партија, кои исто така бараат повлекување на американските сили од Ирак. Група демокртаски сенатори, по обраќањето на Буш, одржаа прес конференција, на која сенаторот Дик Дурбин изјави:

„Претседателот Буш е надвор од реалноста и за војната во Ирак и со мислењето на американскиот народ. Неговиот извештај не ни дава надеж, туку ни кажува дека има слаби знаци на политички прогрес во Ирак и сигурно ќе има уште насилства и крвопролевања.“
XS
SM
MD
LG