Достапни линкови

Претпоставката на невиност мора да се почитува, предупредуваат експертите


Приведувањата на лицата кои се осомничени за криминал се врши според правилникот на МВР, кој предвидува различни процедури, вели полицискиот портпарол Иво Котевски:

„Тоа зависи најмногу од проценките, односно опасноста по полицајците кои ќе учествуваат во приведувањето, односно дали лицето носи или не носи оружје. Дали постои или не постои опасност да избега. Дали воопшто треба да биде приведувано или доволно е да биде повикано.“

Тој тврди дека во сите приведувања, МВР внимава и ја почитува презумцијата на невиност:

„Од наша страна, никогаш не било тврдено дека тие лица се виновни и дека тие лица се веќе осудени. Напротив, станува збор за основани сомневања поради кои се поднесуваат кривични пријави против некои лица.“

Спротивно од Котевски, дел од експертите велат дека прикажувањата во медиумите на лица кои се приведуваат на информативен разговор, всушност го крши правилото, според кое, секој е невин се додека судот не го докаже спротивното. Котевски ги отфрла ваквите обвинувања:

„Медиумите имаат апсолутна слобода да снимаат, односно да присуствуваат таму каде што ќе решат. Впрочем, со дозвола од Врховниот суд тие може да присуствуваат и во судница.“

За тоа кој орган треба да внимава да не се прекршат правилата и дали се почитуваат, професорот по кривични процеси Никола Матовски вели:

„Недоволно се почитува презумцијата на невиност, од полицијата, преку јавното обвинителство, до судот. Сите субјекти во кривичната постапка мора да го почитуваат тоа. Потоа може да се случи, замислете, неосновано обвинениеи така натаму, биде ослободен, тој после тоа може да бара штета, значи сето тоа оди против тие што го апселе и приредувале претстави.“

Професорот Матовски вели дека ваквата состојба може да се реши само со дисциплински мерки внатре во органите, кои ја спроведуваат процедурата:

„Најубаво ќе биде старешината да им укаже, дека мора повнимателно да се постапува, треба да се почитува претпоставката на невиност на обвинетиот.“

Инаку, од серијата апсења кои можеа да се следат на телевизиските канали, последно е завчерашното, на генералниот директор на ОХИС Јорго Ќука, кој е осомничен за финансиски малверзации. Претходно, на сличен начин беа пренесени и приведувањата на пулмологот Докиќ, поранешниот заменик министер Саша Андоновски, а екстрадициите на Чочоровска и Смиленски, беа следени од влезот на граничниот премин Блаце до затворот во Шуто Оризари.
XS
SM
MD
LG