Достапни линкови

logo-print

Без помош од државата фискалната децентрализација нема да почне ниту за сто години


Десет дена по отпочнувањето на втората фаза од децентрализацијата, градоначалниците на руралните општини со различни искуства околу спроведувањето на оваа фаза. Во Македонија се уште постои централизам, а не децентрализација, посочува градоначалникот на Маврово-Ростуше, Фуат Дурмиши. Според него се додека успехот на една општина се мери според тоа кој градоначалник на која политичка партија припаѓа, нема да има напредок во сорботката меќу централната и локалната власт.

„Барам соработка со централната власт. Затоа што, ние ќе кажеме каде да се изгради спортска сала, може или не може. Ние ако го немаме основниот објект за образование, не може да одиме на изградба на спортска сала. Не може централната власт да каже, спортска сала, населено место, село Скудриње, основно училиште Блаже Конески. Таму нема магаре каде да се заврти, ние ќе градиме спортска сала!?“

За општина Босилово пак сите услови за почеток на фискалната децентрализација се исполнети. Според нејзиниот градоначалник Ѓорге Манушев, практичното спроведување на втората фаза треба да почне на 1 август, а најдоцна до тогаш Собранието треба да го донесе ребалансот на Буџетот за оваа година.

„1 август веќе треба да ја имплементираме втората фаза. Значи, државата не смее да дозволи луксуз да доцни со ребалансот, затоа што тоа ќе влече негативни последици натаму.“

Сосема различна е сликата во општина Лозово. Уште 100 години да поминат Лозово нема да биде подготвено за спроведување на фискалната децентрализација, вели градоначалникот на оваа локална единица, Јордан Павлов. Неможеме да водиме локална заедница и да зборуваме за економски развој, без финансиски средства од централната власт, реагира Павлов.

„Владата треба да мисли и да се залага не само да ни дава обврски, туку и права. Вие имате земјиште во вашиот атар, но не управувате со него, не може да го менаџирате, да го оплодувате, не може да напредувате финансиски.“

Иако втората фаза од децентрализацијата официјално стартуваше на 1 јули, повеќето општини во земјава се уште не поднеле барања до министерството за финансии дека ги исполнуваат условите за втората фаза.
XS
SM
MD
LG