Достапни линкови

Теута Арифи, потпретседател на ДУИ. Премиерот владее популистички, со висок рејтинг што го намалува неговиот демократски капацитет


Госпоѓа Арифи, сега се сретнуваме во Собранието, до пред некое време, можевме да ве најдеме само во партискиот штаб. Како ќе делувате понатаму? Дали доколку не се реализира она што е договорено со премиерот Груевски, повторно би се одлучиле да излезете надвор од Собранието?

ДУИ има договор со ВМРО-ДПМНЕ, не само со ВМРО-ДПМНЕ, туку цениме дека во тој договор се вклучени и претставниците на меѓународната заедница. Ние цениме дека тој договор ќе се реализира, имајќи го предвид фактот дека ниту една од страните нема да сака да испадне несериозна со нереализирање на договорот. Во моментот, не би влегувала во предвидувања што во иднина. Во моментот пратениците на ДУИ се во Собранието и го извршуваат собраниските активности. За во иднина, партијата ќе одлучи зависно од ситуацијата.

До пред еден месец траеја преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во клубот на пратениците. А, сега таму течат уште едни преговори, но со лидерските средби на парламентарните партии, чија цел е завршување на судските реформи. ДУИ не учествува на тие средби. Зошто?

Затоа што сметаме дека имаше некои рокови кои требаше да бидат испочитувани во договорот што го имаме со ВМРО-ДПМНЕ. Сакаме да видиме почеток на исполнување на договорот, за да си дадеме право да учествуваме во преговори во поголем состав. Ние цениме дека ако договор меѓу две страни евентуално не би функционирал, тогаш зошто би функционирал договор меѓу 15 страни?

Од друга страна, сите партии, декларативно се залагаат за комплетирање на реформите битни за НАТО и евро интеграциите. Во пракса, гледаме одолговлекување на тие процеси. Зошто се доведуваме во таква состојба?

Се доведуваме во таква состојба затоа што полесно е да се изјави нешто, а потешко да се стори и да се реализира. Мислам дека страните, и посебно политичките партии со сериозна политичка моќ треба да стојат на работите што ги изјавуваат. Во моментот морам да кажам дека по мое размислување, од страната на мнозинството уште не се гледа добар и силен напор во однос на вистински реформи, не само во судството туку и пошироко.

Дали ДУИ веќе има изградено став. Би гласале ли вашите пратеници за она што ќе биде договорено?

Секако, ние би гласале за некаков договор каде што ќе бидеме ние. Не можеме да поддржиме договор каде што не сме ние.

ДУИ неодамна изнесе став дека сте незадоволни од втората фаза на децентрализацијата. Сметате ли дека централната власт ја кочи фискалната децентрализација во зависност од партиската припадност на градоначалниците на одредени општини?

Јас мислам дека оваа власт по теркот на работата, по теркот на маркетингот, на многу начини како ја води политиката има многу повеќе тенденција да ја зајакне централизацијата, отколку да помогне во процесот на децентрализација. Овој заклучок го носам од популистичката тенденција, од тенденцијата да се биде главен на се. По таа логика, една таква власт има помала демократска матрица, има тенденција да биде централистичка, а не да децентрализира. Вториот момент, е проблемот што на пример, се среќава посебно кај албанската страна, дека се соочува со градоначалници кои се од партија што не е во власта, додека албанската политичка партија која е во власта води само една општина. Значи, со овие реални политички односи, мислам дека има една реална и сериозна тенденција што ние ја детектираме, а тоа е да се успори процесот на децентрализација, да се задоцни со тој процес. Исто така, цениме дека има и една дискриминација во распределбата на фондовите, кон општините кои се водени од ДУИ, но во моментот би кажала дека освен што се општини водени од ДУИ, тоа се општини каде што во мнозинство живее албанска популација, и ако се продолжи со тој тренд, владата може да добие сериозни критики во однос на лошо спроведување на процесот на поделба на фондовите.

Но, и покрај ваквите обвинувања кон централната власт и Груевски дека работи лошо, неговиот рејтинг непрекинато расте. Според последната анкета на ИРИ тој е премиер со најголема доверба од сите премиери во југо источна Европа?

Мислам дека полека полека ние ќе дојдеме до времето кога тој рејтинг колку што е симпатично и убаво лично за господинот Груевски, ние доаѓаме до фаза кога тој рејтинг е проблематичен за државата. Затоа што воден од тој рејтинг, паѓа демократскиот капацитет на господинот Груевски, да биде поотворен кон многу прашања. Јас лично мислам дека не се должи на резултати, затоа што не гледаме резултати во однос на успеси на владата. Мислам дека се должи на поефикасен маркетинг, во однос на видување во јавноста, отворање на кафулиња. Мислам дека сите тие елементи повлекуваат доза на имиџ на народен човек. Вториот момент мислам дека не е за потценување, во едно општество каде што сеуште етнички се размислува, а такво е сеуште општеството во Македонија. Мислам дека политиката на Груевски кон Албанците, во македонската страна се цени позитивно, како тврда политика, и затоа велам дека колку ова е популарно внатре, толку е непопуларно надвор. Мислам не е за потценување, генералниот секретар на НАТО да ви каже, импелемнтирајте го договорот што сте го направиле со ДУИ.

Колку сте задоволни од она што го прави албанскиот партнер во владата?

Нема што да се биде задоволен. Мислам дека со позициите што ги имаат, како комплетно инфериорен партнер, со слаб легитимитет, мислам дека тие не се ниту во состојба, евентуално нешто големо или позитивно да направат во однос на прашањата поврзани со Охридскиот договор. Најголем доказ за тоа е процесот на правичната застапеност, која дефинитивно стои, и се враќа назад, сите цифри тоа го покажуваат и тоа е доказ дека не се во позиција да одат по патот на имплементација на Охридскиот договор.

Очекувате ли промена во вашите односи со ДПА, откако пред една седмица, партијата доби ново раководство, односно на чело застана Тачи?

Има ли тука некоја промена? Мислам дека се работи за истото раководство, ние направивме чекор, испративме претставници на Конгресот, иако тие не го направија тоа кога нашиот конгрес беше во прашање. Сакавме да покажеме отвореност и подготвеност како политички субјект да се држиме до протокол и нормална комуникација меѓу две партии. Мислам дека се зависи од тоа каква политика во иднина ќе гради тој субјект.

Неодамна Тачи излезе и со идеја за средба. Може ли да се очекува да седнат на маса Ахмети и Тачи?

За сега, толку брзо не мислам дека тоа ќе се случи.

Зошто?

За нас, како политичка партија изгледа малку цинично, да излезете на истиот Конгрес. Да го именувате лидерот на другата политичка партија како предавник на интересите, да го етикетирате, и потоа да кажете дека сакате да се сретнете со него. Мислам дека во бонтонот на комуникација на политичките партии, мора да постои линија на разграничување во однос на избегнување на етикети и затоа сметаме дека толку брзо таква средба нема да се случи.

Донесувањето на финалниот статус на Косово се одолговлекува веќе подолго време. Какво е вашето мислење, како тоа влијае врз албанскиот фактор во Македонија?

Јас мислам дека албанскиот фактор во македонија, и не само албанскиот туку и македонскиот е многу свесен дека решавњаето на статусот на Косово е едно прашање што доаѓа при крај во процесите. И мислам дека отприлика нема некоја голема дистанца, во однос на нашите ставови за идниот статус на Косово. Така што, не мислам дека тоа би влијаело негативно тука, туку мислам дека што побрзо се реши статусот таму, едноставно, рефлексијата на позитивните моменти ќе биде поголема кон Македонија.
XS
SM
MD
LG