Достапни линкови

Потопли ветришта за заладените американско – руски односи


По дводневниот самит Џорџ Буш – Владимир Путин на семејниот имот на Буш во Конебункпорт, малку потопли ветришта за заладените американско – руски односи, оценуваат аналитичарите. Двајцата лидери изјавија дека разговарале за широк спектар на прашања и оти ги доближиле ставовите за иранската нуклеарна програма и за анти-ракетниот штит. Буш и Путин, на заедничката прес конференција не го спомнаа Косово.

Два дена на океански воздух, прошетка со јахта, рибарење и семејни ручеци, дадоа некаков ефект врз претседателите Џорџ Буш и Владимир Путин, кои видно расположени настапија на заедничката прес конференција. Само неколку дена пред тоа се зборуваше за можна нова Студена Војна, поради американско – руските несогласувања за анти-ракетниот штит, иранската нуклеарна програма и идниот статус на Косово.

„Во нашите односи имаше моменти кога се согласувавме за некои прашања, но некогаш и не се согласувавме. Меѓутоа, открив дека Владимир Путин е конзистентен, транспарентен и чесен, и со него е лесно да се разговара, па и за проблемите.“

Изјави Буш, додавајки дека многу време разговарале за иранската нуклеарна програма, за што ја делат истата загриженост од можноста Техеран да произведе нуклеарно оружје.

„Ова е прашање за кое разговараме 6 години и може да се заклучи дека кога Русија и Америка зборуваат на иста линија, има ефекти. Сметам и на руската подршка кога велам дека ние немаме проблеми со иранскиот народ, туку со режимот во Техеран.“

Путин, од своја страна, додаде дека Вашингтон и Москва ќе продолжат да бараат заедничко решение за овој проблем во Обединетите Нации. Во врска со анти-ракетниот штит во Европа, Путин го проширил својот предлог за соработка со Соединетите Држави. Имено на самитот на Ге 8 тој ја понуди базата во Азербејџан, а сега отиде чекор напред.

„Доколку е потребно, ние сме подготвени да ја понудиме не само Габала радарската станица во Азербејџан и доколку е потребно да ја модернизираме, туку и ако тоа не е доволно, би можеле да изградиме нова радарска станица во јужна Русија.“

На прес конференцијата, Буш и Путин не го спомнаа косовското прашање. Советникот на Буш за национална безбедност, Стивен Хедли изјави дека двајцата лидери разговарале и за тоа, а со Косово посебно се занимавале шефовите на дипломатиите Кондолиза Рајс и Сергеј Лавров, кои, како што е најавено, и натаму ќе ги продолжат меѓусебните консултации. Аналитичарите оценуваат дека речиси е извесно натамошното одлагање на решавањето на косовскиот статус.
XS
SM
MD
LG