Достапни линкови

Барања за поголеми плати и враќање на старото работно време


2300 вработени во судската администрација во земјава, денеска не се појавија нана своите работни места. Освен за итните постапки кои според законски предвидените рокови не трпат одлагање, шалтерите во судовите во главниот град се затворени и излепени со плакати на кои пишува штрајк. Првиот човек на Сојузот на синдикатите во Македонија, Ванчо Муратовски вели дека е задоволен од досегашниот тек на штрајкот, но уште еднаш упати апел до владата да ги слушне барањата на судската администрација.

„Платите во судската администрација се ниски и се движат од пет и пол до девет илјади. Втората работа е дека превозот и храната се исплаќаат со лимитиран износ. Третата работа е работното време, синдикатот на УПОС на барање на работниците бара да се врати старото работно време од 7:30 до 15:30, затоа што временските услови во Македонија не дозволуваат работа по 13 и 14 часот попладне.“

Муратовски вели дека штрајкот ќе продолжи се додека не бидат исполнети нивните барања, оти според него зголемувањето од 30 отсто на платите на администрацијата не е никакво оптеретување за судскиот буџет.

„Околу два милиони денари месечно е сума којашто е занемарлива за било држава. На крај ако државата може да се откажува лесно од 160 милиони евра, да ги враќа пред време на парискиот клуб и Светската банка, беспредметно е да се разговара за некои ситни средства.“

И покрај најавениот штрајк пред судовите сепак има граѓани. Дел од нив не биле информирани за штрајкот, а некои пак и покрај информациите од медиумите дека администрацијата нема да работи се надеваат дека ќе бидат примени. Повеќето граѓани го оправдуваат штрајкот, но има и такви кои велат дека ова дополнително ќе го забави неажурното судство.

„Би требало да бидат поажурни.“
„Секој си го бара своето, без разлика каде е.“
„Тоа е малтретирање за граѓаните, навистина е неоправдано.“


Денешниот штрајк најнеповолно се одрази на уличните продавачи на таксени маркици кои по цел ден стојат пред судовите.

„Не работи судот, и ние не работиме.“

Од сојузот на синдикати велат дека ако не бидат исполнети нивните барања, штрајкот ќе продолжи во наредниот период, со постепено зголемување на бројот деновите во кои ќе се штрајкува.
XS
SM
MD
LG