Достапни линкови

Поделени реакции во Белград


Извинувањето на претседателот на Србија Борис Тадиќ на граѓаните на Хрватска за воените злосторства предизвика поделени реакции во Белград. Тадиќ е прв висок српски функционер кој им се извини на хрватите, а сличен гест направи и во почетокот на неговиот мандат, во две илјади и четвртата година при престојот во Сараево.

„Им го упатувам моето извинување на сите припадници на хрватскиот народ кои некој ги направил несреќни во име на мојот народ. Одговорноста ја преземам врз себе.“

Ваквото извинување на српскиот претседател Борис Тадиќ во целост го поздрави само партијата Ге седумнаест плус со оценка дека тоа претставува добар државнички гест, бидејќи српското општество мора да се соочи со минатото што значи признавање, индивидуализација и осуда на злосторствата што биле направени. Но, тоа не го мислат и во Демократската партија на Србија на премиерот Воислав Коштуница:

„Мислам дека тој немал ни мандат ни морална обврска да го стори тоа. Се знае дека злосторствата не биле правени колективно, ниту пак од името на српскиот народ, ни во Хрватска ни на друго место.“

Вели Драган Шормаз, додавајќи дека Тадиќ требало да го застапува српскиот став оти секој поединечно мора да одговара за злосторствата што ги правел.
Функционерот на Либерално демократската партија Ненад Прокиќ пак смета дека извинувањата не се доволни:

„Во реалната политика што ја води како претседател на државата вербалното мора да го претвори во дела, како например соработката со Хашкиот трибунал.“

Според Проќиќ, извинувањата не значат ништо, дури можат да бидат навредливи ако, како што вели, зборувате едно, а правите друго. За Милорад Мирчиќ од Српската радикална партија извинувањето на српскиот претседател е шокантен чин.

„Едноставно не е за верување дека човек во емисија од таков забавно хумористичен карактер ќе упати извинување во име на српскиот народ. Зошто: За настраданите срби во Јасеновац?“

Од Социјалистичката партија на Србија оценуваат дека станува збор за големо разочарување, бидејќи Тадиќ со тоа признал нешто што воопшто не постои. Во Здружението на бегалците од Хрватска пак, очекуваат извинување и од другата страна.

„Малку сме погодени што никако да дојде некое извинување од онаа друга страна, Навистина е тажно од нас кои најмногу страдавме да бараат да се извиниме, а не и од оние кои го извршија прогонот.“

Вели Милојко Будимир од Здружението на бегалците од Хрватска. Инаку, повеќето невладини организации во Србија го поздравија гестот на претседателот Тадиќ со оценка дека извинувањето е од големо значење пред се за граѓаните на Србија.
XS
SM
MD
LG