Достапни линкови

Никој не е сигурен дека понуденото решение за Косово ќе доведе до стабилизација на Балканот


Западот смета дека независноста на Косово е неминовност поради настаните од пред неколку години, но никој не е толку оптимист дека понуденото решение веднаш ќе доведе до стабилизација на Балканот. Ова за Радио Слободна Европа го оценува Џонатан Кларк, експерт од Карнеги советот во Њујорк. Според него, токму затоа сега се предлага одлагање на прашањето за статусот на Косово.

Соочени со противењето на Русија, Соединетите Држави и Европската Унија предлагаат одлагање на решението за четири месеци, но на крајот да биде призната независноста на Косово. Тоа за Москва е неприфатливо, па доколку во тој период не биде постигната спогодба со Русија, тогаш Западот еднострано ќе ја признае независноста на Косово, вели Џонатан Кларк од Карнеги Советот во Њујорк:

„Мислам дека сите страни се соочуваат со големи тешкотии како да пронајдат конечно решение за многу чувствителното косовско прашање. Сведоци сме на целосна блокада бидејќи ниту една страна не сака да попушти.“

Според Кларк, ваквата состојба е опасна, бидејќи албнаците можат еднострано да прогласат независност што дополнително ќе је усложни состојбата на Балканот. Сепак, тој смета дека со претпазливост треба да се гледа на изјавата на Џорџ Буш во Тирана дека секое одлагање на независноста на Косово би било опасно.

„Косовското прашање не е приоритет за претседателот Буш. Тој ја даде оваа изјава, бидејќи беше во посета на Албанија. Прашањата како Иран и Ирак се многу поважни за него. Затоа мора да биде претпазлив со Русија.“

Претстојната средба меѓу Путин и Буш во почетокот на идниот месец во Соединетите Држави, како што вели Кларк, ќе биде можност да се постигне спогодба за некои од овие прашања, но не и за Косово:

„Морам да признам дека не очекувам дека прашањето за Косово ќе биде едно од клучните во нивните разговори. Односите меѓу двете земји се на надолна линија поради многу други прашања. Како енергијата, противракетната одбрана, човековите права.“

Џонатан Кларк додава дека токму поставувањето рокови за решавање на косовското прашање било избрзано и вештачки. Од деведесет и деветата година досега, како што оценува, состојбата на теренот не се променила и оти сега се поставува прашањето дали независноста на Косово конечно ќе ја стабилизира ситуацијата на Балканот или би предизвикала нови тензии. Затоа, според него, не само Русија, туку и некои западни земји се воздржуваат и го одлагаат решението.

„Мислам дека Запад и натаму ќе настојува да придобие што поширока поддршка за планот на Ахтисари, пред се од Русија. Затоа Европската Унија ги предупредува косовските албанци да се воздражат од еднострано прогласување независност.“

Во спротивно, како што вели Џонатан Кларк, косовските институции делумно ќе ја загубат поддршката од Запад кој во овој момент не е подготвен да ја признае независноста на Косово.
XS
SM
MD
LG