Достапни линкови

Балканот меѓу големите сили


Еден месец откако американскиот претседател Џорџ Буш ја заврши својата европска турнеја, притоа посетувајќи и некои од Балканските земји, рускиот претседател Владимир Путин го најави своето учество на претстојниот Енергетски самит на земјите од Југоисточна Европа во Загреб. На самитот на кој главна тема ќе биде енергетскиот потенцијал на земјите од регионот, ќе присуствува и македонскиот претседател Бранко Црвенковски, кој како што информираат од неговиот кабинет, би требало да оствари билатерална средба со неговиот руски колега. Односите меѓу Македонија и Русија, економската соработка меѓу двете земји и ситуацијата во регионот низ призмата на Косово, се темите за кои двајцата претседатели би разговарале, велат од кабинетот на шефот на државава.
Балканот пак, отсекогаш бил интересен за големите сили, анализираат македонските експерти.

„Тоа е она од кралот Никола останата изјава, дека Балканот останува паричка за поткусурување и дека сферите на интереси тука сеуште се преклопуваат. Сведоци сме на раѓање на нов светски поредок, во кој Русија се повраќа од шокот и станува светски џин,“

изјави проф. Билјана Ванковска, од Институтот за одбранбени и мировни студии

За професорот Назми Малиќи пак од факултетот на Југоисточна Европа, Балканот не е трка за превласт меѓу Соединетите Држави и Русија. Според него посетата на регионот од страна на најмоќните претседатели во светот е нормална дипломатска комуникација.

„Се надеваме дека овие ќе респектираат и назначат добри патеки балканот да има значење во меѓународните односи, што никако не влегува во активност на студена војна, туку ете, релаксирана дипломатска активност на лидерите.“

Сепак експертите се согласни дека економскиот профит од инвестирање во енергетскиот сектор во регионот е приоритет за Руската Федерација.

„Регионот е секако важен и за транспортот на гасоводите, за енергенсите, практично излезот, односно алката што го поврзува светот е Балканот.“

„Можеби на Балканот имаме среќа тој ден да го видиме, на раздвижување на односи, да се вратат соседски односи на ниво со еднаква конкуренција на економски проекти,“

изјавија Ванковска и Малиќи.

Токму интересот на Русија за инвестиции во енергетскиот сектор во регионот се посочува како главна причина за доаѓањето на Владимир Путин во Загреб.
XS
SM
MD
LG