Достапни линкови

Нема резултат што може да се соопшти


,,Нема резултат што можеме да го соопштиме,, изјави на синоќешната прес конференција во Брисел германската канцеларка Ангела Меркел по првата работна вечер на самитот на Европската Унија посветен на донесувањето нов договор за поцврсто поврзување на Унијата.

„Постои широк консензус дека ќе сториме се за да постигнеме спогодба. Дали е тоа можно? Тоа вечерва не може да се каже.“

изјави Ангела Меркел која претходно заедно со францускиот претседател Никола Саркози се состана со претседателот на Полска Лех Качински со цел да изнајдат компромис во врска со барањата на таа земја да има поголемо влијание при донесување одлуки во Унијата. Качински ситуацијата ја оцени како тешка, но и изрази подготвеност за натамошни преговори. ,,Имаме уште многу работа,, оцени и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо додавајќи:

„Сакаме новите земји членки да не им дадат аргументи на оние што се противат на поголемото обединување на Европа. Затоа бараме од сите членки, осоебно од оние новите, да покажат дека не се во право оние што мислат дека проширувањето на Унијата беше грешка.“

Изјави Баросо. Како и да е постојат страхувања дека евентуалните концесии за Полска би можело да предизвикаат лавина на барања од другите земји во врска со европските институции. Британија веќе влезе во расправии за црвената линија за која Лондон вели дека не може да ја помине без да биде спроведен референдум за тоа. Станува збор за предвиденото подлабоко европско поврзување, особено во правосудството и полициската соработка. Инаку, на синоќешниот министерски состанок во рамките на евро самитот во Брисел, се разговарало и за Косово. Притоа, како што по средбата изјави шефот на словенечката дипломатија Димитриј Рупел, било речено дека би можело да бидат извршени некои, но не и стратегиски промени, во планот на пратеникот Марти Ахтисари за Косово. Тој додаде дека на средбата се слушнало и оти претставници на Белград и на Приштина би можело дополнително да преговораат во Брисел. Министерот Рупел оцени дека меѓу министрите имало значајни разлики околу тоа како, при утврдувањето на статусот на Косово, да се зачува единството на Европската Унија.
XS
SM
MD
LG