Достапни линкови

За спречување потребна е регионална соработка, посочуваат стручните лица


Бројот на кривични пријави за поседување на нелегално оружје во 2006 е намален во однос на 2005 година, но и покрај помалиот број на пријави, количините на запленето оружје се поголеми, информираат од Министерството за внатрешни работи:

„Врз основа на споредбите на активностите спроведени во 2005 и 2006 година забележано е одредено намалување во однос на бројот на откриени дела за 30%, се разбира ова се однесува на недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрснувачки материи, но за сметка на помалиот број на открени дела во однос на запленетите количини на оружје се бележи зголемување за 39,2%.“

изјави Иво Котевски од МВР.
Оружјето во Македонија главно влегува од границата со Албанија и северната граница во делот со Косово:

„Но, тоа не е единствениот извор и единствената маршута од каде се набавува оружјето. Според некои истражувања, најползувана маршута е Турција-Бугарија-Србија, со продолжение кон Западна и Југозападна Европа. Значи ова е сериозен проблем, а таа маршута е многу активна.“

Изјави Благоја Марковски од Балканскиот безбедносен форум.За да се надмине овој проблем или да се намали шверцот со оружје потребни се координарни заеднички акции на институциите во земјава со оние од земјите од регионот:

„Решенијата се во комбиниран метод кој пред се ќе содржи соработка на борбата на нелегална трговија со оружје на нашите институции со институциите од владите од соседните држави, значи еден регионален пристап на овој проблем.“

Изјави Владимир Пандовски од Националната асоцијација за оружје кој додава дека се потребни и поинтензивни активности во земјава. Тој предлага формирање на национално биро за оружје кое ќе биде надлежно за борбата против нелегална трговија со оружје, а и за легалните форми на оружје, како оружјето кое е во сопственост на граѓаните, на агенциите за обезбедување и слично. Со таква контрола ќе се олесни борбата против нелегалната трговија со оружје или било какви злоупотреби од оние кои се легални сопственици, вели Пандовски.
XS
SM
MD
LG