Достапни линкови

Одлагање на расправата за конечниот статус на Косово за четири месеци?


Соединетите Држави и земјите на Европската унија денеска би требало на Советот за безбедност на Обединетите нации да му претстават резолуција со која за четири месеци се одлага расправата за конечниот статус на Косово. Тоа со цел да се придобие поддршката на Русија за усвојување на планот на Марти Ахтисари и да им се даде уште една шанса на Приштина и Белград да најдат заедничко решение на проблемот. Косовскиот преговарачи тим соопшти дека нема да го изнесува својот став околу можноста за одлагање на одлуката се додека тоа и официјално не го побара меѓународната заедница. Но, аналитичарите велат дека продолжувањето на преговорите е очигледен нареден чекор.

Во нацрт резолуцијата на западните земји во Советот за безбедност се прецизира дека по периодот од сто дваесет дена и доколку натамошните преговори пропаднат, тогаш автоматски би почнал да се применува планот на Ахтисари за надгледувана независност на Косово. Деновиве пак, пратеникот Ахтисари, изразувајќи уверување дека Русија ќе стави вето изјави дека крајот на годината е последниот рок Косово да добие независност. Се уште нема официјално барање за можноста за одлагање на решението и за продолжување на преговорите за статусот на Косово и затоа нема официјален став на Приштина, вели портпаролот на косовскиот преговарачки тим Скендер Хисени:

„Преговарачкиот тим не добил такво барање и затоа не сака да го коментира. Нашиот став ќе го кажеме откако ќе добиеме нешто такво.“

Одлагање на косовскиот статус најнапред предложи францускиот претседател Никола Саркози со забелешка дека конечното решение треба да биде независност, но оти за тоа треба да се преговора со Русија со цел да се откаже од употребата на вето во Советот за безбедност.

„Без сомневање ќе дојде до натамошно одлагање.“

Вели политичкиот аналитичар Илир Дуголи, додавајќи дека се и големи шансите да продолжат и преговорите на релација Приштина Белград.

„Не се знае за што ќе се разговара. Дали за да се убеди Русија или пак ќе се отворат некои делови на планот на Ахтисари што ќе биде најризичниот дел од работата.“

Смета Дуголи. Но, таквата опција категорично ја отфрлаат косовските преговарачи:

„Разгледувањето на предлогот на Ахтисари е целосно неприфатливо. Собранието на Косово го прифати тој документ и бараме што поскоро нова резолуција врз основа на планот на Ахтисари.“

Вели портпаролот на преговорачкиот тим Хисени додавајќи дека во спротивно Косово ќе биде принудено на некои алтернативни решенија, како на пример едностраното прогласување независност. Но, тоа, како што додава, нема да се случи без знаење и поддршка на меѓународната заедница.
XS
SM
MD
LG