Достапни линкови

Закон и казни има, но не се применуваат


Наместо два месеца како што на почетокот и ветил сопственикот на фирмата, 26 годишната Катерина останала да работи две години без да и бидат платени придонесите за здравствено и пензиско осигурување.

„Што да ви кажам, работа не се знае, некогаш и по 16 часа, делник празник, кој и да трба да работи, ние работиме, коишто не сме осигурани. Постојано сопственикот ветува, од овој месец, од оној месец.“

Оваа девојка е само една од многуте кои со години работат на црно. Вели дека се согласила на ваквите услови за работа, оти немало подобри и оти во недостиг на добро работно место, прифатила да работи хонорарно.

„Сепак, многу е тешко да се најде работа, пари се разбира дека требаат за живот и надежта дека ќе се среди и добие вработување.“

Од Државниот инспекторат за труд велат дека редовно вршат контроли на ниво на давата. Оттаму признаваат дека инспекцијата постојано регистрира неправилности во работењето на одредени фирми. Сепак директорот на трудовиот инспекторатот вели дека за неспроведувањето на законските казни за утврдена неправилност е виновно неажурното судство.

„Ако на работодавецот му дадеш казна од 5-6 илјади денари казна, тогаш ништо нема да постигнеме, и се паѓа во вода,“

изјави Феџри Селами, директор на Трудовиот инспекторат.

Според професорот по трудово право, Тодор Каламатиев законот за работни односи ги задоволува потребите на работниците, но вината за неспроведувањето на законските решенија лежи кај работниците.

„Во однос на правата на работниот однос е доволен, но психологијата на работникот не дозволува примена на законските одредби онака како што се предвидени во законот.“

При утвдување на прекршок во спроведувањето на работниот однос, предвидена е казна од 100 до 250 000 денари, велат од Државниот инспекторат за труд. Оттаму посочуваат дека поголемиот дел од работодавците до кои била поднесена прекршочна пријава за забрана за работа, не ја почитувале забраната и продолжиле да работат. Освен предвидениот годишен план на контроли во различни дејности, од трудовиот инспекторат велат дека постапуваат и по претставки и јавувања од граѓаните.
XS
SM
MD
LG