Достапни линкови

Протести на 30 јуни поради одлагањето на одлуката околу статусот на Косово


Движењето на косовските албанци Самоопределување најави дека на триесетти овој месец ќе одржи протести во Приштина поради одлагањето на одлуката за идниот статус на Косово. Полицијата вели дека и покрај тоа што општата состојба е мирна постојат услови за поратс на тензиите со оглед на фактот што Косово се наоѓа во клучна фаза на решавање на статусот.

Движењето Самоопределување, поради нерешавањето на статусот на Косово ќе организира нови протести во Приштина кон крајот на месецов. Движењето се противи на планот на Марти Ахтисари со оценка дека со него не се предвидува формирање држава.

„Ќе продолжиме да протестираме, бидејќи имаме многу причини за тоа. Пред неколку недели вработените во УНМИК потпишаа договори за уште една година.“

Изјави претставникот на ова движење Гљаук Конјуфца наведувајќи дека тоа значи оти уште долго нема да биде решен статусот на Косово. Затоа, како што додава, на претстојните демонстрации ќе биде изразено незадоволството поради пасивноста на политичките лидери на албанците, но и на меѓународните фактори. Движењето Самоопределување повеќе пати протестираше. На последниот на десетти февруари годинава дојде и до судири со полицијата при што две лица загинаа. Лидерот на движењето Аљбин Курти веднаш беше затворен, но потоа условно пуштен на слобода. Против него е покренато обвинение во приштинскиот суд. Неодамнешното истражување на Фондот на Обединетите нации за развој покажа дека скоро четириесет насто од косовските албанци би учествувале на демонстрациите, додека три насто би земале и оружје во раце во случај да не биде прифатен планот на Ахтисари во Советот за безбедност. Во меѓувреме, косовската полициска служба оценува дека ситуацијата на Косово е мирна со одреден степен на тензии:

„Бидејќи сега се говори за статусот на Косово, ситуацијата е малку тензична, но стабилна. Врз основа на информациите на теренот не можеме да кажеме дека има некои проблеми, но ние за секој случај имаме разни оперативни планови и сме подготвени да се соочиме со секоја ситуација.“

Вели портпаролот на косовската полиција Ветон Елшани. Претходно КФОР соопшти дека ќе остане на Косово најмалку шест месеци по транзициониот период, а откако ќе се реши косовскиот статус.
XS
SM
MD
LG