Достапни линкови

Распуштена коалиционата влада на премиерот Исмаил Ханија


По еднонеделното насилство во Појасот Газа меѓу палестинските фракции Фатах и Хамас, распуштена е коалиционата влада предводена од лидерот на Хамас Исмаил Ханија. Ваквиот чекор на претседателот на палестинската власт Махмуд Абас од Фатах, веднаш е отфрлен од сменетиот премиер Ханија. Дали палестинците се наоѓаат пред граѓанска војна и поделба на нивните територии меѓу двете фракции?

Палестинскиот претседател и лидер на Фатах Махмуд Абас воведе вонредна состојба и ја распушти владата и прогласи вонредна состојба на Западниот Брег и во Појасот Газа поради судирите на неговите приврзаници со оние на Хамас на премиерот Исмаил Ханија. Фатах на покојниот претседател Јасер Арафат и ривалскиот исламистички Хамас пред три месеци формираа заедничка влада, но од пред една недела започнаа крвава борба за превласт во Појасот Газа во која загинаа стотина палестинци. Има извештаи дека хамасовците на улица стрелале приврзаници на Фатах.

„Палестинците не се убиваат меѓу себе, тие, за жал се касапат. Мислам дека сме во центарот на граѓанска војна.“



Оценува Басим Еид од Палестинската група за надгледување на човековите права. Агенциите јавуваат дека Хамас скоро целосно ја презел контролата врз Појасот Газа:

„Ние во движењето Хамас сметаме дека тоа е второ ослободување на Појасот Газа, овојпат од ордите на колабористите. Првиот пат тоа беше од израелските доселеници.“

Изјави портпаролот на Хамас Сами Абу Зухри. Лидерот на ова движење Исмаил Ханија пак, отфрлајќи ја одлуката на претседателот Абас за распуштење на неговиот кабинет, негираше дека имал намера да формира посебна, своја палестинска држава во Газа, без Западниот Брег каде што на власт би бил Фатах. Тој за најновите насилства го обвини Фатах кој вршел прогон на луѓето на Хамас само затоа што, како што рече, носеле брада и биле од друга политичка опција. Хамас и Фатах водат битка за власт веќе една година, односно откако Хамас победи на палестинските парламентарни избори со што заврши четири деценското владеење на Фатах. Но, од тогаш на палестинците им е прекината меѓународната помош, бидејќи Хамас одбива да се откаже од борбата за уништување на Израел. Ова, според Басим Еид, придонесло за приближување на врските на Хамас со Иран:

„Повеќето убиени се од Фатах што покажува дека борците на Хамас се подобро истренирани. Имаат и иранско оружје.“

Египет кој се обидува да посредува меѓу двете фракции вели дека тие воопшто не се заинтересерирани за преговори што ќе има негативни последици за Блискиот Исток.

„Палестинците се одговорни за ова што се случува но постојат и скриени раце. Палестинците мора да созреат и да сфатат дека со вакво однесување ќе го изгубат сето она што го постигнале во изминативе шеесет години борба.“

Вели шефот на египетската дипломатија Ахмед Абул Гејт.
XS
SM
MD
LG