Достапни линкови

logo-print

Повторно „златна средина“


Македонија не покажува демократски напредок, стои во извештајот на невладината организација Фридом Хаус во кој се оценува демократскиот развој на 29 земји од Централна Европа до Евроазија изминатата година. Од македонската влада не се изненадени од овие заклучоци. Иако велат дека превземаат активности за демократизација на сите сфери на живеење, сепак признаваат оти не е лесно да се промени сликата што за Македонија ја има Меѓународната заедница.

„Станува збор за земја којашто 50 години била под стегите на тоталитарен систем, за квази демократски системи кои деценија и пол владееја и управуваа со Република Македонија, така што разбивањето на овие мрежи на влијание е задача со којашто се соочуваат демократските сили во Република Македонија,“

Изјави владиниот портпарол Ивица Боцевски

Перцепцијата одвнатре и однадвор не е иста, регираат и политичките аналитичари. Ненад Марковиќ од институтот за демократија ги посочува можните причини врз основа на кои оваа организација ги заснова своите заклучоци.

„Стравувањата постоеја кај меѓународната заедница за тоа дека охридскиот рамковен договор не неше прецизиран. Прашањето за бадинтерово мнозинство е многу чувствително и во голема мерка кога ДУИ не влезе во владата ги фати паника дека тоа може да предизвика револт кај албанската популација.“

Поради преоптовареноста со секојдневните социјални и економски проблеми, луѓето не можат да сфатат кога покажуваме слаб демократски капацитет, вели Марковиќ.

„За нас тие фрикции на политичката сцена се нормална работа, за една западна сцена тие се нормални но не во мерка со којашто се случуваат кај нас.“

За народниот правобранител пак, порастот на довербата на луѓето во институциите на системот, треба да покаже дека се стремиме кон демократски развој.

„Поголема демократија значи и поголема слобода на граѓаните, но и поголем ред и помалку случувања на прекршувања на човековите слободи и права,“

вели народниот правобранител, Иџет Мемети во неделното интервју на радио Слободна Европа.

Во годинашниот извештај на Фридом Хаус насловен како Земјите во транзиција 2007 во кој што се оценува демократскиот развој на 29 земји од Централна Европа до Евроазија, се наведува дека популизмот и нелибералните трендови во овие земји се во пораст, независноста на судството е под засилен притисок, а одредени политички партии ја попречуваат борбата против корупцијата, додека економскиот прогрес е засенет од политичките немири.

Во извештајот се наведува дека од Балканските земји Босна и Херцеговина и Србија покажале мал напредок во демократскиот развој, додека Албанија, Хрватска и Црна Гора покажале благи назадувања.
XS
SM
MD
LG