Достапни линкови

logo-print

Земјите од Централна Европа назадуваат во демократскиот прогрес


Во најновиот извештај на американската организација за човекови права Фридом Хаус се наведува дека земјите од Централна Европа покажале уназадување во демократскиот прогрес и покрај тоа што станале членки на НАТО и на Европската Унија. Извештајот може да биде сигнал за претпазливост за другите земји кои сакаат да се интегрираат во овие евроатлантски структури.

Фридом Хаус во ивештајот насловен како Земји во транзиција дава годишен преглед на демократските стандарди во дваесет и девет држави и територии кои беа во сферата на влијание на поранешниот Советски Сојуз. Овој пат оваа американска организација посебно се фокусираше врз земјите од Централна Европа. Тука, според Жанет Геринг, раководителка на истражувањето, можат да се забележат некои вознемирувачки трендови и покрај тоа што овие земји се членки на Европската Унија.

„Има извесно уназадување. Имаше кризи на доверба како во политичките партии, така и во владите. Имаше многу партизација на преземените реформи. А она што е најдобро за една земја е да продолжи да функционира во рамките на демократските институции.“

Десетте земји кои станаа членки на Европската Унија се уште имаат најдобри оценки за изборниот процес, независноста на медиумите, борбата против корупцијата и другите демократски стандарди. Најдобра од нив е Словенија со оценка еден запирка осумдесет и два, а најлоша Романија со три, запирка дваесет и девет. Но и двете, како и преостанатите осум се со полоши оценки од лани.

„Бидејќи овие земји сега се во Европската Унија Фридом Хаус сакаше да го сврти вниманието врз нив и да покаже дека демократизацијата не е еднонасочна улица и оти има падови и во консолидираните демократии.“

Вели Геринг. Особен пад е забележан во Унгарија поради политичката криза во минатиот септември и во Полска поради централизацијата на власта со браќата близнаци Качински, едниот претседател, а другиот премиер. Геринг вели дека истражувањето би можело да биде од големо значење за оние земји во транзиција кои имаат аспирации да ги следат стапките на централно европските држави и да влезат во НАТО и Европската Унија.

„Демократска влада е процес и луѓето се на различни точки на тој пат. Се надевам дека извештајот ќе им биде охрабрување, но и предупредување за тоа. Извештајот е своевидна помош и во двата случаја. Зошто украинците и грузијците да не се поучат од она што се случува во Полска и Унгарија.“

Вели Жанет Геринг од Фридом Хаус за најновиот извештај Земји во транзиција.
XS
SM
MD
LG