Достапни линкови

logo-print

Различни толкувања во Белград и Приштина


Американскиот претседател Џорџ Буш за време на посетата на регионот неколку пати повтори дека Косово мора да биде независно и оти прашањето на статусот веќе не може да се одлага. Во Белград и во Приштина различно ја толкуваат оваа изјава, а и едната и другата страна имаат различни очекувања од јулската средба на Буш со рускиот претседател Владимир Путин.

Во изјавата за националната телевизија српскиот премиер Воислав Коштуница оцени дека Соединетите Држави грешат со едностраната поддршка и оти Америка мора да најде друг начин да ја покаже љубовта спрема албанците, а без притоа да им нуди српски територии. Изјавата на Буш, според српскиот министер за Косово и Метохија Слободан Самарџиќ, ја најавува можноста од изместување на целиот косовски процес од системот на Обединетите Нации:

„Таква закана постои и таа во оваа фаза има функција да изврши силен притисок врз сите учесцници, првин врз Европската Унија, потоа Русија и секако врз Србија. Некои фактори во Соединетите Држави сметаат дека под притисок и уцени Србија ќе попушти.“

Америка применува тактика на кратки рокови и притисоци бидејќи страхува од можноста процесот да биде прекинат, вели Душан Јањиќ, координатор на Форумот за етнички односи. Тој предвидува дека разговорите за косовското решение ќе продолжат по средбата Буш Путин во почеткото на јули во Мејн.

„Ако не се договорат ќе бидеме соочени со гласање и преку ветото на Русија, со најверојатна блокада на процесот. Значи пожелно е тие да се договорат и постојат индиции за тоа, така што во јули и август треба да се очекува поинтензивна работа на Контакт групата која во септември ќе предложи заедничка резолуција.“

Вели Јањик. Во Приштина пак, изјавата на аемриканскиот претседател е јасна порака дека Соединетите Држави се за независност на Косово. Сепак, косовскиот претседател Фатмир Сејдиу вели дека за институциите на Косово најзначајно е да се обезбеди донесување резолуција која ќе ја има поддршката од сите.

„За нас е значајно да остане определбата, односно пристапот што го имаат Соединетите Држави и Европската Унија, да се донесе резолуција прифатена од сите. Но, ако до тоа не дојде тогаш има и други алтернативи.“

Изјави Сејдиу. Во меѓувреме, официјален Вашингтон, повторувајќи дека е време за решавање на ова прашање со цел регионот побрзо да се интегрира во Европа, најави дека продолжува усогласувањето на ставовите за Косово:

„Никој не сака да види вето. Никој не сака да го види регионот како повторно тоне во насилство. Руската валада има различен поглед на косовското прашање и ние ја продолжуваме работа во обид да ги зближиме ставовите.“

вели портпаролот на американскиот Стејт Департмент Шон Мекормак.
XS
SM
MD
LG