Достапни линкови

Главни теми во разговорите, американскиот противракетен систем во Централна Европа


Американскиот претседател Џорџ Буш денеска со посетата на Чешка ја почнува неколкудневната турнеја по Европа која ќе ја заврши со престојот во Бугарија идниот понеделник. Сепак, главна причина е самитот на Групата осум индустриски земји во Германија, каде што покрај глобалното затоплување, најмногу, како што се најавува, ќе се разговара за планираниот американски противракетен систем во Полска и Чешка.

Американскиот претседател Џорџ Буш дводневната посета на Прага ќе ја искористи за убедување на Чешка да го прифати инсталирањето на американска радарска база која ќе биде дел од предложениот антиракетен систем во Чешка и во Полска. Непосредно пред оваа посета, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека доколку планот биде прифатен Русија ќе одговори со пренасочување на нејзините ракети врз цели во Европа.

„Доколку новиот противракетен систем биде разместен во Европа, тогаш ние ве предупредуваме дека ќе одговориме. Треба да ја обезбедиме нашата сигурност и ние не сме иницијатори на овој процес.“

Изјави Путин, потврдувајќи го уште еднаш ставот на Москва дека предложениот систем претставува закана за Русија. Вашингтон од своја страна уверува дека системот би бил употребен за заштита при евентуална ракетна закана од земји како Иран.

„Го испратив секретарот за одбрана Гејтс во Русија отворено да разговара со претседателот Путин и да го убеди дека ракетниот штит не е насочен против Русија, туку против оние земји кои би можеле да ја загрозат безбедноста на Европа.“

Изјави претседателот Буш пред две недели, откако претходно во тоа Путин не можеше да го разубеди ни чешкиот претседател Вацлав Клаус кој во април годинава, во обид да издејствува погодно мислење од Русија, а со тоа и да го намали страхувањето на чешката јавност во врска со ракетниот штит, ја посети Москва:

„Една од моите цели беше да ги објаснам чешките аргументи за поставување на оваа радарска база на наша територија. Како што можете да видите од одговорот на претседателот Путин, не успеав во тоа.“

Рече Клаус. Како и да е, за ракетниот штит Путин и Буш ќе имаат можност директно да разговараат на тридневниот самит на Групата осум што в среда почнува во Германија. Освен за ова прашање, таму ќе се разговара и за глобалното затоплување и за трансатлантските поделби околу Ирак. Буш, потоа заминува за Полска, а в сабота во Ватикан ќе има аудиенција кај Папата Бенедикт Шеснаесетти. В недела Буш заминува за Тирана што е прва посета на Албанија на еден американски претседател и притоа е планирано да се состане со премиерите на Албанија, Македонија и Хрватска на разговори за надежите на нивните земји да станат членки на НАТО, но и за идниот статус на Косово. Европската турнеја на Џорџ Буш завршува на единаесетти јуни со престојот во Бугарија, за која, неговиот советник за безбедност Стивен Хедли оцени дека е една од најсилните американски сојузници во регионот.
XS
SM
MD
LG