Достапни линкови

Можно ли е нарушување на меѓу етничките односи?


По долгите преговори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Демократската унија за интеграција, неделава заврши политичкиот дијалог. Но и покрај очекувањата дека тоа ќе стави крај на недоразбирањата меѓу двете страни, политичката сцена ја раздвижија различните верзии околу тоа што било договорено. На прашањето дали ваквите неусогласени ставови од двете партии, можат да ги нарушат меѓуетничките односи во земјава, од ВМРО-ДПМНЕ велат:

„Меѓуетничките односи во Македонија се стабилни и поставени на цврсти основи. Овој договор само ќе ги консолидира институциите, ќе ја врати ДУИ во Собранието, каде што и е местото, а на Македонија ќе и овозможи силен аргумент пред меѓународните институции, но и пред себе самата,“

изјави Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ

Од ДУИ пак со спротивен став

„Секако дека не е добро и лошо се рефлектира кај граѓаните,“

изјави потпретседателот на ДУИ, Рафиз Алити

И од опозицискиот Социјалдемократски Сојуз не ја отфрлаат можноста дека ваквиот развој на настаните може да ги наруши меѓуетничките односи во земјава

„Дефинитивно може да се одрази на одредени сегменти во живеењето. Иако, сметам дека нема да има понеповолна клима, затоа што и покрај нивната желба да направат проблеми, сепак игранката е поголема, граѓаните на Република Македонија и меѓународната заедница нема да го дозволат тоа,“

вели Есад Рахиќ од СДСМ.

И политичките аналитичари се поделени во своите размислувања. Според политикологот Жидас Даскаловски сите теми што ги засегаат етничките заедници треба да бидат јасно дефинирани, оти во спротивност можат да ја нарушат меѓуетничката клима.

„Многу може да влијаат на меѓуетнички односи, ако се земе предвид дека односите во доменот на меѓуетничките односи треба да бидат прифатени од две-три етнички групи што живеат во земјава. Не знаеме што е точно што е договорено.“

Аналитичарот Алберт Муслиу пак со став дека недоразбирањата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не се ништо друго освен партиски игри и препукувања.

„Не верувам искрено дека ќе има последици. Резултатот е дека парламентот е комплетен и препукувањата ќе продолжат во парламентот. Ние не може да очекуваме дека ќе имаме парламент во кој сите исто мислат.“

Покрај договорот за списокот закони што ќе се гласаат со Бадентер, Меѓуетничкиот комитет и закон за него, за кои премиерот Никола Груевски потврди дека има усна согласност, од ДУИ и понатаму уверуваат дека е постигната согласност и за законот за употреба на јазиците и законот за материјално и социјално згрижување на засегнатите во конфликтот од 2001 година.
XS
SM
MD
LG