Достапни линкови

Извештајот на ЕК за проширување не претставува заклучок дали земјите имаат шанса за влез во ЕУ


Од извештајот на Европската Комисија за проширување на Унијата со земји кои сакаат да станат нејзини членки не може со сигурност да се заклучи дали тие имаат шанси или не, односно кога би можело да се надеваат на прием. Ова во интервју за Радио Слободна Европа го оценува Јоханес Свобода, член на Европскиот парламент од Австрија. Според него, таквото тактизирање не е фер спрема оние што се надеваат на подобра иднина по влегувањето во европското семејство.

Последниот извештај на Европската Комисија за идното проширување на Европската Унија остава простор за верување дека Европа се умори од нови членки. Пратеникот Јоханес Свобода е разочаран од, како што вели, двојниот јазик во документот и го осодува таквото тактизирање:

„Мислам дека извештајот е разочарувачки. Никако не би требало да се испраќа порака дека со проширувањето е завршено, ами напротив, но со забелешка дека на никој нема да му се гледа низ прсти.“

Пред тоа, според Свобода, Европа мора да го донесе новиот Устав за да биде способна до ги прифати наредните проширувања. Тој додава дека причина за ова не е само разочарувањето на старите членки со приемот на десетте нови, главно поранешни социјалистички земји од источниот блок:

„Во прашање се повеќе работи. Две се решавачки. Секоја промена денес најпрвин се посматра низ тоа колку граѓани од неа се погодени. И второ е тоа што националните политики не успеаа да им ги објаснат на граѓаните вистинските мотиви за проширувањето.“

Тие, како што вели Свобода, се поголема сигурност и посилна економија што е во интерес на сите во Европа. Запрашан дали постојаното заострување на условите е всушност некаков начин за одбивање на новите земји, тој вели:

„Не мора да значи, но би можело така да се толкува. Затоа е важна и подготовката на оваа друга страна Европската Унија. Еве на пример, Хрватска добро се подготвува, но би можела да влезе во Унијата во две илјади и дванаесетата и тоа само под услов ако за тоа време биде донесен новиот европски Устав.“

Сепак, според Свобода, најважна е активната улога на самите земји кои сакаат да станат членки на Унијата:

„Секако, Хрватска е веќе во преговори, други чекаат на нивно почнување, одреден напредок постои. Сето тоа внимателно се следи и во Брисел и во Стразбур. Тие земји мора сами да работат на својот прогрес, Мислам дека некои од нив се премногу пасивни, како да чекаат проблемите да им се решат сами од себе. Но, ништо не паѓа од небо.“

Вели Јоханес Свобода, австриски пратеник во Европскиот парламент во интервјуто за Радио Слободна Европа.
XS
SM
MD
LG