Достапни линкови

МВР и Пазарната инспекција си ја префрлаат одговорноста за нелегалната продажба на цигари


Камел, Малборо, Карелија и речиси сите други марки на цигари ги нудат продавачите на скопските пазари за пониски цени отколку регуларните. Особено сликата на луѓе со картонски кутии во рацете е впечатлива на улицата пред Бит Пазар каде што од автомобил може да се купат шверцувани цигари. Токму овој криминал е честа тема и на напади во јавноста меѓу спротиставени политички табори кои се обвинуваат меѓусебно кој бил поврзан и кој печалел од балканските канали за шверц. Таквите обвинувања во јавноста се стари речиси колку што е самостојна и државата. Во тој период на деведесетите години според поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов овој криминал имал и најголем замав:

„Според некои проценки во последните 15 години од носителите на овој вид на криминал од Балканот, се инкасирани над три милијарди евра.“

Надвор од обвинувањата на политичарите од министертвото за внатрешни работи велат дека на теренот работат интензивно и имаат резултати. Портпаролот Иво Котевски објаснува дека од почетокот на годинава досега имале две поголеми заплени во семејна куќа и магацин во скопската населба Шуто Оризари:

„Беше пронајдена поголема количина на цигара во вредност од околу 1 милион евра. Цигарите беа со различно потекло, внесувани во земјава преку органзирани канали и тие треба да се дистрибуираат на црните пазари во земјата и на Косово.“

Но и покрај откривањето на крупниот шеврц на цигари уличните продавачи сеуште се присутни. Во врска со справување со нив Котевски додава:

„Имаше една акција на Бит Пазар каде што беа отстранети дивите препродавачи од тротоарите, но сепак тоа е надлежност на МВР бидејќи тротоарот се третира согласно законот за сообраќај како сообраќајна површина, а инаку во однос на препродажбата на мало, за тоа се надлежни пазарната инспекција и трудовата инспекција.“

Од пазарната инспекција пак велат дека нивната работа не може да биде ефективна без асистенцијата на МВР. Директорот на Државниот пазарен инспекторат Владимир Кочовски вели дека нивната ингеренција е да ја одземат стоката, но не и да контролираат дали продавачите повторно ќе се вратат на пазарот. Тоа е должност додава Кочовски на полицијата. За тоа пак, колку на граничните премини запленила нашата царина од таму велат дека им е потребно подолго време да ја изготват информацијата, а службите биле зафатени.
XS
SM
MD
LG