Достапни линкови

Останите партии бараат од ВМРО ДПМНЕ да го обелодени договорот и да каже што содржи


По четири месеци ДУИ денеска се врати во парламентот. Но, на почетокот од собраниската седница Андреј Жерновски од Либералнодемократската партија побара на дневниот ред да се стави договорот кој вчера го потпишале двете страни и пред јавноста да се обелодени неговата содржина.

„Молам Владата да достави известување за овој многу важен документ кој што ќе ја одреди понатамошната судбина на граѓаните на Македонија, бидејќи како што имавме можност да слушнеме од медиумите се оди со нешто што е надвор од Рамковниот Договор. Сакаме да знаеме што значи поинаков начин на избор на Влада, бидејќи ако се сугерира избор на Влада според Бадентер, тогаш тој ,,филм,, парламентарното мнозинство нема да го гледа во Собранието.“

Предлогот на Жерновски не беше прифатен, по што негова поддршка побараа и Јани Макрадули од СДСМ, Лилјана Поповска од ДОМ и Ружди Матоши од ДПА.
Откако и по вторпат сличниот предлог беше отфрлен, опозициските СДСМ и ЛДП ја напуштија собраниската седница. Претходно со свој коментар реагираа од Демократската унија за интеграција. Џеват Адеми од оваа партија не објасни зошто договорот бил напишан на англиски јазик, но се обиде да ја интерпретира неговата содржина:

„Рекомпонирање на комитетот за меѓуетнички односи, донесување на закон за тој Комитет, состав на листа од 45 закони за кои ќе треба да се гласа според двојно мнозинство, изнаоѓање решение за социјално згрижување на сите засегнати од конфликот во 2001-та година и нивните семејства, подготвување и доставување до Собранието закон за употреба на јазиците согласно Рамковниот Договор и петиот член од Уставот, и продолжување на дијалогот во Парламентот за методологиите за формирање на Влада на Република Македонија.“

Силвана Бонева пак од ВМРО-ДПМНЕ изјави оти за договореното не постои писмена, туку само усна согласност од двете страни:

„Не постои никаков потпишан договор за да може да биде презентиран во Собранието на Македонија.“
XS
SM
MD
LG