Достапни линкови

logo-print

Што направивме и што остана да се направи?


Неодамна, Македонија заврши уште еден циклус на имплементација на акциониот план за членство во НАТО. Од министерството за надворешни работи велат дека бројот на циклуси во кој секоја земја кандидат поднесува извештај за спроведените реформи, зависи од тоа колку време е потребно земјата да ги заврши потребните подготовки. Серијата циклуси завршува во моментот кога таа ќе добие покана за членство во Алијансата.

Членството во оваа организација подразбира исполнување не само на воени, туку и на политички критериуми велат упатените. Реформите во одбраната, трансформацијата на војската, учеството на земјава во мировните мисии во светот, се само дел од критериумите за влез во Алијансата, посочува потпретседателот на Евроатланскиот Совет во Македонија, Исмет Рамадани.

„Се бараат стандарди, правно функционирање на судството, ефикасна администрација, дијалог меѓу политичките партии, кохабитација меѓу претседателот на државата и на владата.“

До каде е Македонија во исполнувањето на обврските што од нас се бараат? Од министерството за надворешни работи информираат за областите во кои Македонија покажа најголем напредок во спроведувањето на реформите.

„Успешна имплементација на Рамковниот договор, активностите за правична застапеност на етничките заедници, процесот на децентрализација, првата фаза е оценета како исклучително успешна имајќи ја предвид комплексноста на овој процес,“

изјави Шпреса Јусуфи, портпарол на МНР

Сепак остануваат уште работи на кои во иднина треба да се фокусираме, посочува Рамадани.

„Да се фокусираме на изнаоѓање на еден позитивен дијалог меѓу опозицијата и позицијата. Судството останува проблем, мора реформите тука да бидат многу подрастични.“

И шефот на НАТО тимот во Македонија, генералот Џон Дјуранс укажува на областите во кои треба да се работи.

„НАТО е организација заснована на вредности, си има свои стандарди и зависи од земјата дали ќе ги исполни тие стандарди за да стане полноправна членка. Областите на кои треба уште да се работи, се борбата против корупцијата, потребата од понатамошни реформи во правосудството, и подобрувањето на економијата. Како дел од обврските што Македонија ги има со приближувањето кон НАТО е и учеството во мировните мисии во повеќе земји. Македонија учествува во мисијата ИСАФ во Авганистан, во Слобода во Ирак, во мисијата Алтеа во Босна и Херцеговина и од неодамна во мисијата на Обединетите Нации во Либан. Од министерството за одбрана велат дека минатата година учеството во мировните мисии државата ја чинело 2,5 милиони долари, а за оваа година предвидени се шест милиони долари.“

Зачленувањето во Алијансата пак, се проценува дека Македонија ќе ја чини 13, 5 милиони американски долари, средства што земјата би требало да ги уплаќа за цивилни и воени намени.
XS
SM
MD
LG