Достапни линкови

Бранко Црвенковски, претседател на Република Македонија. Груевски ги одби лидерските средби, ги отстрани ДПА и СДСМ и му ја крена цената на Ахмети


Имате ли конкретен план или предлог, како политичкиот дијалог да се одвива во парламентот и со тоа да се надмине, според меѓународната заедница, главната пречка за евро – атлантската иднина на Македонија. А, и вие го нарековте тоа агонија?

Мислам дека одговорот на ова прашање им е на сите познат, не велам дека е едноставен и лесен, туку општо познат. И се сведува на тоа, дека господинот Груевски и Ахмети ќе треба под итно, значи не говориме за недели и месеци, туку за денови, да најдат заеднички договор, да ги привршат овие разговори коишто ние ги нарекувавме политички дијалог и на тој начин да го симнат тоа прашање од дневен ред. Прашање, кое ни одзема многу време и го наруши угледот на Република Македонија. Одговороноста лежи кај нив двајцата. Господинот Груевски, да реши, не знам од кои причини да го наруши до тогаш воспоставениот формат за надминување на разликите, коишто ние популарно го нарекувавме лидерски средби, заедно со претседателот на државата, значи тој ги одби во неколку наврати моите покани за одржување на такви средби, на почетокот од оваа криза. Потоа од масата за разговори, не знам од кои причини, беа отстранети СДСМ и ДПА. На тој начин тој можеби обидувајќи се да ја подигне својата улога, ја подигна и цената на господинот Ахмети. И затоа сега треба да се соочат со одговорноста и да го решат овој проблем. Се разбира дека со тоа не се надминуваат сите предизвици со кои се соочуваме во процесот на наше евро и евро атлантско интегрирање во овој период. Тоа е само првиот и неопходен чекор што мора да се направи, а потоа ни следи вистинската работа. Тоа значи дека сите закони од нашето евро атлантско интегрирање треба да добијат приоритет во собранието, да се работи со висок интензитет, високо темпо, да се обидеме да го надополниме пропуштеното и на тој начин пред нашите пријатели во Брисел да оставиме една сериозна, одговорна држава, која навистина се залага да ги оствари своите стратешки цели.

Во овој контекст е и проблемот со несоработката меѓу владата и претседателот. Како да се прејде личната нетрпеливост?

Не би рекол дека се работи за лична нетрпеливост, барем не од моја страна. Јас со ниту една моја изјава, одлука, постапка, не придонесов да имаме еден вакво ниско ниво на кохабитација и соработка меѓу претседателот и владата. Мислам дека потегот или изборот којшто треба да го направи е на господинот Груевски. Имено, тој од самиот избор на владата, почна серија или кампања којашто трае до ден денес и којашто е поддржувана од други претставници на коалиционите партнери, разни државни институции, па дури и од дел од медиумите, почна целата работа со непризнавање на претседателот, со бојкот на седницата на којашто го имав моето годишно обраќање, понатаму блокада на постапката околу именувањето на амнасадорите и една цела серија на дискредитации искажани од портпароли или претставници на власта, коишто за жал создадоа една атмосфера или амбиент, на внатрешен, но што е поважно и на надворешен план дека отсуствува една атмосфера дека покрај што отсуствува добар и квалитетен дијалог маѓу власта и опозицијата, има проблем и во дијалогот и комуникацијата и соработката меѓу двете врвни извршни функции во државата. Она што мене посебно ме загрижува е впечатокот кој го остава господинот Груевски е дека сите оние коишто евентуално размислуваат по некое прашање поинаку или различно од актуелната власт се третирани како политички непријатели, како виновници за се. Понекогаш или најчесто тоа сум јас. Понекогаш тоа е опозицијата, некогаш странските амбасадори. Мислам дека тоа говори за низок демократски капацитет на оваа власт. Ако тој вшечаток не се поправи и ако работите суштински не се сменат на подобро мислам дека тоа ќе донесе и многу нови големи проблеми за нашата држава.

Дали владата со оглед на нејзиниот голем рејтинг може слободно да се однесува самобендисано и од друга страна дали опозицијата е пасивна?

Мислам дека владата ќе направи голема грешка ако смета дека оваа висока поддршка што ја има е резултат на постигнатите резултати во изминатиот период, на она што е сработено. Мое мислење е дека тоа не е точно. Овој висок рејтинг на владата и премиерот се должи на големите очекувања и надежи коишто граѓаните ги полагаат за нешто што допрва треба да се случи. За резултати кои допрва треба да се постигнат. Исто така, треба да бидеме свесни дека од денот на изборот на оваа влада, во континуитет, од нејзина страна се промовира една перманентна, континуирана медиумска кампања, и таа може да дава одредени резултати, но доколку нема конкретни резултати околу клучните прашања коишто ги оптеретуваат граѓаните, тоа не може вечно да трае. Нашите граѓани се надеваат дека брзо и видливо ќе се види подобрување на планот на невработеноста, сузбивањето на сиромаштијата, обезбедување на повисок економски стандард, инвестиции итн. Ако тука немаме резултати, тогаш и медиумската кампања ќе биде залудна, од една страна, а и рејтингот што сега се забележува нема да остане каков што е. Факт е дека опозицијата е во страна на репозиционирање или на трагање по нов сопствне идентитет. За тоа е потребно време, но за жал приликите во Република Македонија тоа не им го овозможуваат. И тие ќе мора многу побрзо со многу поголем интензитет, да се изразам на следниот начин, да се вратат на политичката сцена. Тоа ќе биде добро за нив, но и добро за демократијата во Македонија.

Дали има притисоци врз Македонија и претседателот лично, од меѓународните фактори да се најде компромис со Грција во врска со проблемот со името?

Притисоци нема. А, пријателски укажувања дека е добро ова отворено прашање да се реши има. И впрочем и да ги нема тие укажувања ние самите сме свесни за тоа. Значи, никој повеќе од нас, од Македонија, не посакува ова отворено прашање со соседна Грција еднаш да биде симнато од дневен ред. Токму од тие причини, ние и до сега и од сега, на еден конструктивен начин ќе продлжима со разговорите кои се водат во Њујорк со посредство на ОН, меѓутоа секогаш, како до сега така и од сега, ќе знаеме која е нашата позиција. А, тоа е дека ние не можеме и не сакаме да се откажеме од нашето уставно име кога се работи за негова употреба внатре, но и на меѓународна сцена.

Дали Македонија ќе ја признае независноста на Косово доколку Советот за безбедност на ОН не донесе резолуција за тоа?

Се разбира дека најдобро решение, не само за Република Македонија, туку и за сите е доколку имаме резолуција на Советот за безбедност на ОН, не затоа што на тој начин ќе се олесни донесувањето на одлуките поодделно од страна на секоја земја, туку меѓу другото и затоа што токму со таа резолуција треба да се создаде правната рамка и легалната основа за понатамошно присуство на меѓународната заедница и во цивилниот и во воениот дел, што е многу битно и за Република Македонија. Бидејќи, уште долга низа години, ако не единствената, тогаш најголемата гаранција, дека состојбите на територијата на Косово ќе се држат под контрола, дека ќе има стабилност, дека нема да се дозволи радикални, или криминогени структури да земат замав, да предизвикаат нестабилност на територијата на Косово, но и во соседството е токму меѓународната заедница. Ако сепак, од било кои причини се случи да нема резолуција на советот за безбедност, Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ и НАТО, ќе ја следи и земе во предвид, при донесувањето на сопствената одлука и усогласената политика на овие две структури, на НАТО и ЕУ. И еве, отворено да кажам, ако во еден таков развој на настаните, при едно такво сценарио, политика на НАТО и ЕУ, на Вашингтон, на Брисел, на главните европски престолнини биде дека треба да се пристапи кон унилатерално признавање на Косово, Македонија ќе биде дел од тој воз.

Дали ризикуваме влошување на односите со Србија во тој случај?

Па, има некои најави, коишто е прашање дали треба да се земат без резерва. Знаеме дека имаше изјави и пред изборите и во последно време. Меѓутоа, она сценарио за коешто претходно зборував е такво, што доколку Србија се реши да ги влошува односите со секоја земја којашто евентуално тоа би го направила, во тој случај таа ризикува да се самоизолира. Или сама на себе да воведе санцкии. Бидејќи тоа ќе биде огромен број на влијателни и важни земји ширум светот. И тоа не е проблем на Македонија, туку ќе биде проблем на самата Србија.

И на крајот се наближува 2009 година. Дали размислувате за кандидирање за втор претседателски мандат?

Јас не би рекол дека се наближува. Има уште точно две години до следните претседателски избори и тоа е предолг период за уште сега да се донесуваат некакви дефинитивни одлуки или да се заземаат некакви ставови. Ова е период во којшто сум исцело посветен на тоа да ја оправдам довербата на граѓаните од минатите избори и да ја вршам функцијата претседател на државата, со сиот капацитет и сето знаење и умеење во интерес на Република Македонија и сите наши граѓани.
XS
SM
MD
LG