Достапни линкови

logo-print

Во предлог резолуцијата на ОН се избегнува јасно да се дефинира статусот на Косово


Во предлог резолуцијата за косовскиот статус, која веќе им е поделена на членките на Советот за безбедност на ОН и која би требало да биде изгласана до крајот на месецов, не се споменуваат зборовите ,,независност на Косово,, но ниту ,,суверенитет на Србија,,. Експертите за Западен Балкан сметаат дека речникот употребен во резолуцијатата е премногу амбивалентен.

Предлог резолуцијата за идниот статус на Косово содржи 13 точки и таа треба да ја потврди основата за новото меѓународно присуство, како и планот на специјалниот пратеник на ОН Марти Ахтисари, вели Даниел Сервер, директор на Балканската иницијатива при вашингтонскиот Институт за мир и експерт за Западен Балкан, кој додава дека како и планот на Ахтисари и во резолуцијата се избегнува јасно да се дефинира идниот статус на Косово:

„Да така е и затоа во целост не ми се допаѓа. Сметам дека ќе беше подобро доколку во резолуцијата беше јасно одреден идниот статус. Сосема сигурно е дека една од причините што текстот на резолуцијата е неодреден, е да се задоволи Русија, иако досега во тоа не се успеа. Исто така беше присутен и аргументот, ОН да не одлучуваат дали земјата ќе биде независна или не, туку статусот да се одреди преку процесот на признавање од страна на суверените држави и членството во ОН.“

вели Сервер. И рускиот аналитичар за Југоисточна Европа Андреј Пјонтковскиј оценува дека неодреденоста на резолуцијата, е резултат на обидите да се омекне позицијата на страните кои се противат на резолуцијата:

„Веројатно со тоа се обидуваат да ја смират Русија и Србија и да ги убедат да ја подржат резолуцијата, но Русија сосема јансо стави до знаење дека нејзиниот став е сосема спротивен. Позицијата на Москва не се објаснува со претерани симпатии за српските аргументи, туку со нејзината одлучност да се конфронтира со Америка на сите можни фронтови и тоа пред за внатрешните политички потреби.“

Коментирајќи ги се почестите најави дека Русија би можела да стави вето на предлог резолуцијата, експертот Даниел Сервер истакнува:

„Зборовите ,,би можела,, можеби се позначајни од самиот збор ,,вето,,. Секако од секогаш беше јасно дека Русија би можела да употреби вето, но и Соединетите држави јасно порачаа дека доколку решението не биде постигнато во Советот за безбедност, тогаш тоа ќе се бара надвор од него, односно преку признавање на Косово од страна на државите.“

За оваа можност пак, рускиот аналитичар Пјонтковскиј забележува:

„Тоа ќе се претстави како уште еден пример на американската политика на унилатеризам и многу убаво ќе се вклопи во внатрешната руска кампања.“
XS
SM
MD
LG