Достапни линкови

logo-print

Босанските власти сметаат дека со ваквата одлука Европа му посветува внимание на регионот


Седиштето на Советот за регионална соработка ќе биде во Сараево, одлука што во Босна и Херцеговина е дочекана со одобрување. Имено, оваа организација ќе ги продолжи активностите предводени во рамки на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа, кој во февруари наредната година дефинитивно згаснува.

Претседателот на советот на министри Никола Шпириќ смета дека оваа одлука за Босна и Херцеговина, но и за регионот во целина, значи многу:

„Со ова Босна и Херцеговина праќа силна порака во Европа, дека е посветена на иднината, дека во регионални рамки престанува да биде проблем, дека станува дел од решавањето на проблемите во регионот и претставува поттик до властите за забрзување на евроатлантските интеграции на Босна и Херцеговина. Седиштето досега не беше лоцирано во земјите од Западен Балкан, така што ова е знак дека Европа му посветува должно внимание на овој регион.“

Властите во Босна и Херцеговина сметаат дека преку постојаните дипломатски активности на оваа институција Сараево ќе стане ,,регионален Брисел,,. Според нив одлуката главниот град на Босна и Херцеговина да биде седиште на Советот за регионална соработка ќе помогне во афримацијата на земјата, забрзувањето на економските и политичките реформи и на процесот на евроатлантските аспирации. Членот на претседателството на Босна и Херцеговина Жељко Комшиќ изјавува:

„Се што го афирмира Сараево и Босна и Херцеговина, секако дека тоа не треба да се доживува локално, претставува афирмација за оваа земја. И секако, кога имате една така важна регионална иницијатива со седиште во Сараево, тоа е позитивно за земјата.“

Директорот на Центарот за меѓународна соработка во Бања Лука Милош Шолај пак забележува:

„Пред се, тоа би бил израз за стабилност и сигурност, бидејќи секоја меѓународна соработка, а посебно доколку сте седиште на некоја меѓународна институција, претставува знак за стабилно опкружување, со што ќе се забрза соработката во рамки на Југоисточна Европа која инаку е во критични односи.“

Советот за регионална соработка како ,,наследник,, на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа кој ќе биде затворен во февруари, би требало да ја развива регионалната соработка на полето на економскиот и социјалниот развој, инфраструктурата, судството и парламентарната соработка. Во него членуваат Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Македонија, Албанија, Грција, Бугарија, Романија, Турска и Молдавија.
XS
SM
MD
LG