Достапни линкови

Србија доби нова влада


Скоро четири месеци по парламентарните избори, Србија доцна синоќа доби нова влада. Составена е од четири партии, а премиерот Воислав Коштуница најави дека владата ќе работи на приближување на земјата кон Европската Унија и на зачувување на Косово во рамките на Србија.

Новата влада на Србија која има дваесет и пет членови ја сочинуваат Демократската партија на шефот на државата Борис Тадиќ, Демократската партија на Србија на премиерот Воислав Коштуница, Г седумнаесет плус и Нова Србија. Коштуница наведе дека меѓу колаиционите партнери постоела целосна согласност за петте клучни програмски принципи на владината политика.,,Тие принципи се однесуваат на Косово, европските интеграции, соработката со Хашкиот трибунал, социјалната и економската политика и борбата против корупцијата и криминалот,, изјави Коштуница, додавајќи:

„Владата на Србија однапред го отфрла како неважечки и за Србија непостоечки каков било вид на еднострано признавање на Косово. Владата однапред соопштува дека Косово секогаш ќе го третира како свој составен дел. Владата предупредува дека евентуалното признавање на независноста на покраината во никој случај не може да биде претставено како чин на пријателство спрема Србија. “

Изјави премиерот Коштуница од собраниската говорница, оценувајќи дека тоа всушност е чин на најгрубо мешање во внатрешните работи на друга земја.

„Се подразбира дека секоја држава која би донесла одлука за признавање на еднострано прогласената независност мора да води сметка оти тоа би довело до сериозни последици во меѓусебните односи. Едноставно нашиот одговор за ова прашање е дека Косово останува покраина во рамките на Србија.“

Изјави премиерот Воислав Коштуница. На изборот на новата влада му претходеше жестока расправа во Собранието, откако од Српската радикална партија побараа објаснување дали и кој во Белград спроведува акција за апсење на поранешниот генерал Ратко Младиќ. Радикалите бараа објаснување за акцијата која била изведена во воениот хотел во Белград. Координаторот за соработката со Хашкиот трибунал Расим Љаиќ изјави дека имало таква акција, но оти Младиќ не бил пронајден, ниту уапсен. Откако тоа им го потврдил и Коштуница радикалите се откажаа од најавената опструкција на седницата. Ова, како и програмата на новата влада, потпретседателот на радикалите и до пред некој ден претседател на парламентот Томислав Николиќ вака го искоментира:

„Јас веќе не знам што ќе направи претседателот на владата. Веќе не сакам да слушам што ќе зборува затоа што тука не можете да најдете вистина. Жално е кога не можете ништо да му верувате на премиерот. Од сега кога ќе каже дека утре ќе биде сончево јас ќе си земам чадор.“

Изјави радикалот Томислав Николиќ чија смена на функцијата претседател на Собранието како отстапка за формирање на владата го бараше партијата на претседателот Борис Тадиќ.
XS
SM
MD
LG