Достапни линкови

Вонредна состојба поради ситуацијата на Косово?


Претседателот на Српскиот парламент Томислав Николиќ деновиве ја навести можноста од воведување вонредна состојба во Србија поради ситуацијата на Косово. Српската влада веднаш соопшти дека нема да предложи такво нешто. Сепак, најавата на Николиќ ја разбранува политичката јавност во Србија.

Новоизбраниот претседател на српското собрание Томислав Николиќ на националната телевизија изјави дека евентуалните избори би можело да бидат одложени доколку парламентот, на предлог од владата, прогласи вонредна состојба поради Косово.

„Србија е во тешка ситуација. Сите пратеници бараат извештај од преговарчкиот тим за Косово. Седницата за владата треба да се одржи до четиринаесетти мај. Ако Србија е во опасност Владата може да прогласи вонредна состојба. Во таков случај, претседателот на Србија не може да распишува избори.“

Владата на Србија во технички мандат, составена од партии на демократскиот блок кои го поддржаа изборот на Николиќ за претседател на парламентот експресно соопшти дека воопшто не размислувала, ниту пак има намера да предлага такво нешто.

„Значи нема никаква приказна за вонредна состојба. Мислам дека Николиќ сакал само да каже дека во уставот постојат можности за воведување вонредна состојба, но тоа нема врска со оваа ситуација.“

Изјави министерот за правда Зоран Стојковиќ. И самиот Николиќ потоа прецизира дека на четиринаесетти мај постојат главно две опции: или формирање влада или распуштање на парламентот и нови избори. Третата опција била само теоретска вели тој додавајќи дека тоа го знаел бидејќи бил еден од пишувачите на новиот Устав:

„И сега за тој мој вишок на знаење некои ме обвинуваат дека сум ги исплашил граѓаните на Србија. И тоа ме обвинуваат оние што веќе воведуваа вонредна состојба.“

Изјави Николиќ. Сепак, Демократската партија соопшти дека тој со најавата на можноста за вонредна состојба го довел во прашање демократскиот поредок на Србија и оти за тоа треба итно да поднесе оставка или да биде сменет:

„Тоа не може да биде одобрено. Веднаш ќе бидеме исфрлени од Советот на Европа и од сите нормални институции. Ако некој мисли дека со ова ќе ја заплаши Европа многу се лаже. Мислам дека само создаваме нови непријатели.“

Оцени претседателот на политичкиот совет на Демократската партија Драгољуб Миќуновиќ.
XS
SM
MD
LG