Достапни линкови

Непрецизни и двосмислени барања во тендерот


Уште десеттина дена истекува рокот за пријавување на тендерот за набавка на 100 000 компјутери наменети за основните и средни училишта. Проектот Компјутер за секое дете кој треба да овозможи учениците да бидат оспособени со помош на компјутер да ги учат предметите, а наставниците со модерни методи да ги предаваат наставните содржини, предизвика незадоволство кај домашните информатички фирми.
Незадоволни од како што велат непрецизните и двосмислени барања за учество во тендерот, реагираше информатичката заедница во земјава.

„Начинот на којшто се дефинирани техничките предуслови и тендерската документација, во значителна мера го намалуваат бројот на домашни информатички компании што воопшто може да дадат понуда. Од 520 домашни фирми, може да бидат квалификувани да дадат понуда три фирми,“

изјави Васко Кроневски, претседател на Македонската Асоцијација за информатичка технолиогија. Имајќи го предвид финансискиот и физичкиот обем на проектот, кој директно влијае на бизнисот на информатичките компании, оваа асоцијација побара одложување на рокот за пријавување на тендерот.

„За да може воопшто да бидат инкорпорирани другите препораки, дадовме порака да се одложи.“

И од министерството за образование потврдуваат дека рокот за пријавување на тендерот е одложен за две недели, иако не ја соопштуваат причината за тоа. Оттаму велат дека одзивот на фирмите досега е задововолителен и оти на тендерот се јавиле и домашни и странски фирми.

„Од објавувањето на отворениот повик, до денеска конкурираа и странски и домашни фирми и ја подигнаа тендерската документација. Отворањето на понудите е закажано за 22 мај,“

изјави Дрита Мамути, портпарол на министерството за образование
Од надлежното министерство велат дека по завршувањето на тендерската процедура ќе почне набавката на компјутери. До крајот на септември ќе почне инсталирањето на првите 40 000 компјутери во средните училишта. Во периодот од јануари до март следната година планирано е да се инсталираат уште 50 000 компјутери во основните училишта, а во согласност со буџетските можности третата тура компјутери би била инсталирана во 2009 година. Вкупниот проект Компјутер за секое дете чини околу 22 милиони евра. Дел од нив се обезбедени од буџетот за оваа година, а останатиот дел со пари од буџетот за 2008 година.
XS
SM
MD
LG