Достапни линкови

САД и европските земји членки денеска ќе престават резолуција за независност на Косово


Соединетите Држави и европските земји членки во Советот за безбедност на Обединетите нации се очекува денеска да ја претстават резолуцијата со која се бара независност на Косово. До ова доаѓа откако вчера во Советот кој дискутираше по извештајот на неговата мисија која во минатиот месец престојуваше на Косово останаа разликите за можното решение на косовското прашање.

Извештајот на делегацијата на Советот за безбедност ја поттикна Панама, која е непостојана членка, да предложи продолжување на преговорите меѓу Белград и Приштина за уште шест месеци. Тоа беше поддржано од рускиот амбасадор Виталиј Чуркин кој извештајот на мисијата на Советот за безбедност го оцени како добар и објективен, но со забелешка дека никој не треба да поставува временски рамки до кога да се донесе одлука за финалниот статус на Косово. Тој изјави дека предлогот на Панама е само еден од неколкуте опции што Советот ги има на распологање и оти тоа би било подобро отколку да се донесе избрзано решение

„Денеска во врска со дискусиите јас не слушнав нитуе еден да каже дека целосно е имплементирана претходната резолуција за стандардите на Косово. Според мое мислење, ќе треба уште многу време за да се спроведат стандардите.“

Изјави Чуркин кој одби да каже дали Русија ќе се воздржи или ќе стави вето врз нова резолуција во Советот за безбедност. Американскиот амбасадор во Њујорк Залмај Кализад изрази уверување дека повеќето членки ќе го поддржат предлогот за меѓународно надгледувана независност на Косово.

„Ние многу го поддржуваме и ја поздравуваме европското раководство за ова прашање. Европејците се подготвени да играат водечка улога во спроведувањето на планот на Ахтисари и веруваат дека сегашната ситуација е неодржлива и оти иднината на Косово и Србија е зачленувањето во Европската Унија.“

Уверување дека новата резолуција за Косово ќе биде усвоена во Советот за безбедност изрази и американскиот потсекретар за политички прашања Николас Бернс.

„Мислиме дека е време Косово да стане независно и ние сакаме да притиснеме силно во наредниве неколку недели со цел Обединетите нации да го поддржат тој процес. Се надеваме дека русите ќе бидат со нас.“

Изјави Николас Бернс кој вчера во Загреб, на маргините на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа имаше средба со косовскиот премиер Агим Чеку. Американскиот потсекретар изрази и разочарување поради изборот на радикалот Томислав Николиќ за претседател на српскиот парламент.
XS
SM
MD
LG