Достапни линкови

За негов наследник се посочува сегашниот министер за финансии Гордон Браун


Британскиот премиер Тони Блер денеска соопшти дека на 27 јуни ќе се повлече од лидерската позиција во владејачката Лабористичка партија со што се расчистува патот за нов британски премиер. Како на најверојатен негов наследник се посочува сегашниот министер за финансии Гордон Браун.

На први мај Тони Блер одбележа десет години од неговиот прв избор за премиер. Тогаш тој и неговата партија убедливо ги победија конзервативците со што почна владеењето на лабуристите. Единствен е случајот во британската историја Лабуристичката партија три пати едно по друго да победува на изборите. И покрај тоа, некои потези на Тони Блер предизвикаа бунт во неговата партија. Тоа всушност е и причината поради која Блер лани вети дека ќе замине од функцијата во рок од една година. Блер ќе биде запамтен и по тоа што партијата ја премести од левиот во центарот на политичкиот спектар, но и по воспоставувањето мир во Северна Ирска која со децении беше зафатена со насилство. Сепак, премиерот Блер заминува како неомилен политичар и со намалена популарност, пред се поради испраќањето британски војници во Ирак, односно учеството на неговата земја во тамошната воена операција која е предводена од Соединетите Држави. Тука, секако е и улогата на Блер во односите на Британија со Европската Унија.

„На него се гледа како на по проевропски премиер од кој и да било друг уште од времето на Тед Хит кој ја внесе Британија во Европската заедница. Тоа доведе до подобрување на односите со скоро сите негови партнери во Европа.“

Вели Чарлс Џенкинс, директот на Економист Интелиџенс Јунит во Лондон. Но, она што сега ја интересира јавноста во врска со Блер е што тој ќе се реши да работи по заминувањето од премиерската функција: Дејвид Карлтон, од Универзитетот Ворвик вели дека Блер многу се интересира за Блискиот Исток и оти на времето тој добил награда за барањето решенија за тој регион. Карлтон не би бил изнанден доколку Блер би бил ангажиран на тоа:

„Мислам дека тој откако ќе замине од кабинетот ќе стане поцврст застапувач на американската робустна политика на Блискиот Исток, а не и на оние кои веруваат дека решението на тамошните проблеми би можело да се решат преку конференции.“

Тони Блер беше еден од најмладите премиери на Британија. Кога стапи на функцијата имаше четириест и три години. Ја напушта по десет години бидејќи според уставот оној што не е лидер на партијата не може да биде и британски премиер. Него, по се изгледа на партиската функција ќе го наследи актуелниот министер за финансии Гордон Браун, а со тоа ќе преземе и премиерската позиција. Неа Браун ќе може да ја извршува најдоцна до две илјади и десетата година, за кога се закажани редовните парламентарни избори.
XS
SM
MD
LG