Достапни линкови

logo-print

Николас Саркози нов претседател на Франција


Николас Саркози е избран за нов претседател на Франција, ветувајќи раскинување со минатото, нов стил на раководење и обнова на врските со Соединетите Држави и со останатиот дел од Европа. Победата на Саркози, според аналитичарите, претставува општа промена во француската политика во која главни фактори веќе не се Втората Светска војна и онаа Студената. За колку значајна функција станува збор може да се види од фактот дека во ниту една европска земја претседателот нема поголема моќ од онаа како во Франција.

Вака приврзаниците на конзервативецот Николас Саркози ја прославуваа неговата победа на вчерашниот втор круг од изборите. Тој, со освоените над пеесет и три насто и ги растури соништата на социјалистката Сеголен Роајал да стане прва жена претседател на Франција. Одѕивот на над четириесет и четирите милиони регистрирани гласачи избирачи беше скоро осумдесет и четири проценти, што е највисок во изминативе дваесет и шест години. Обраќајќи им се на своите приврзаници во Париз Саркози, син на унгарски имигрант, вети:

„За мене има само една Франција. На сите оние што не гласаа за мене сакам да им порачам дека дека ќе бидам претседател на сите французи. Ова не е победа на еден французин врз друг. Ова е победа на демократијата.“

Изјави Саркози на европските партнери им порача дека цел живот бил европеец и оти со неговата победа Франција се врати во Европа. Саркози исто така додаде дека Соединетите Држави можат да сметаат на француското пријателство.

„Сакам да им упатам апел на нашите американски пријатели дека можат да сметаат на нашето пријателство кое е исковано врз трагедиите со кои се соочувавме заедно. Франција секогаш ќе биде на нивна страна.“

Изјави Саркози кој потенцира дека и натаму постојат разлики со Вашингтон за некои прашања како на пример глобалното затоплување. Европските лидери веќе му ја честитаа победата, а американскиот претседател Џорџ Буш изрази уверување во нивната идна соработка. Сеголен Роајал по победата на Саркози со што продолжува владеењето на десницата во Франција изјави:

„Општиот глас прозборе. Му пожелувам на новиот претседател се најдобро во исполнувањето на неговата мисија како шеф на државата.“

Рече Роајал, порачувајќи дека и натаму ќе работи на обнова на левицата како услов за идните победи. По победата на Саркози, неколку стотици млади луѓе со трансперенти против него се судрија со полицијата во центарот на Париз по што беше употребен солзавец. Агенциите јавуваат дека демонстрации против Саркози имало и во неколку други градови меѓу нив, Лион и Марсеј. Саркози официјално ќе ја преземе функцијата по десет дена кога му завршува мандатот на сегашниот претседател Жак Ширак и кој на дваесет и две години помладиот наследник ќе му ги предаде тајните шифри за француското нуклеарно оружје.
XS
SM
MD
LG