Достапни линкови

Судир меѓу руралните конзервативци и урбаните либерали


Турција со прашањето за тоа кој би можело да биде иден шеф на државата доминираше на насловите во светот во текот на изминатата недела. Судирот беше предизвикан од поддржувачите на владејачката Партија на правдата и развојот која има исламски корени против привзрзаниците на секуларната опозиција предводени од моќната турска војска. Но, според некои аналитичари, клучниот извор на тензиите е културната раздвоеност меѓу главно посиромашните конзервативци од селските подрачја и урбаните либерали чиј животен стил е безусловно западен.

Исламско фереџе или мини сукња? Ова, накусо, е изборот со кој се соочуваат турците кои на дваесет и втори јули годинава ќе излезат на вонредните избори.

„По се изгледа дека овие избори ќе бидат плебисцит за тоа дали би требало да има повеќе религија во општеството или не. Шансите се дека повеќето ќе се изјаснат позитивно и затоа Партијата на правдата и развојот се реши на таков чекор.“

Вели Дејвид Барчард кој повеќе години беше дописник на Фајненшал Тајмс од Анкара. Изборите требаше да се одржат во ноември, но премиерот Таип Ердоган предложи тие да бидат предвремени откако Уставниот суд го поништи првиот круг од изборот за претседател во парламентот. До ова дојде по барање на секуларната опозиција, која страхувајќи дека владиниот кандидат за оваа функција чефот на дипломатија Абдула Ѓул ќе ја води земјата поблиску до исламот, го бојкотираше ова изјаснување. Претходно, во Истанбул дојде и до масовни демонстрации против Ѓул. И покрај тоа и предупредувањето на војската, неговата партија е најпопуларна во земјата. Поделеноста на Турција на секуларна и верска, според Барчард, има културни и демографски причини. Тој вели дека приврзаниците на премиерот Ердоган се селани или пак луѓе кои во изминативе години дошле во градовите:

„Турција е земја со седумдесет и два милиона жители. Само еден од четворица од нив сега работи како земјоделец. Скоро милион луѓе секоја година се доселуваат во градовите.“

Тоа, како што додава, значи дека во Турција постои едно огромно движење од традиционалното рурално кон новото урбано општество:

„Но, тоа секако како што веќе имаме видено во други делови на светот, на пример во Иран во седумдесетите години, не мора да значи дека тие ќе станат модерни и прозападни. Во некои случаи тие се радикализираат, бидејќи главно место за нив и во градските средини останува џамијата.“

Премиерот Ердоган се очекува да го добие и вториот мандат особено откако во изминативе пет години на власт Турција бележи силен економски напредок. Тој веќе најави дека планира референдум за промена на уставот со цел шефот на државата да се избира непосредно, а не во парламентот.
XS
SM
MD
LG