Достапни линкови

Членството во НАТО шанса за македонските производители


Македонската економија се уште не е подготвена за влез во НАТО, посочуваат економските експерти. НАТО бара економии што продуцираат високо ниво на брутонационален доход, ниска стапка на невработеност, развиени стопанства, а Македонија не може да се пофали со такви параметри, вели проф. Зоран Ивановски од Европскиот Унизверзитет во Скопје.

„Тоа се земји кои може да дозволат или платат влез во НАТО. Алијансата веќе не функционира со потпирање на најразвиените земји, туку со пропорционално учество на членките.“

Ивановски укажува дека евентуалниот влез на земјата во Алијансата ќе значи зголемено производство за македонските фирми.

„Тоа значи дека и македонското млеко или сокчиња може да се користат за исхрана на сите војници на земјите членки на НАТО. Нема смисла да се занесуваме дека ќе правиме некои современи орудија.“

Преку спроведување на економските реформи и стратегија за привлекување на странски инвестиции,македонската економија ги прави потребните подготовки за влез во Алијансата, велат од надлежното министерство.

Македонските стопанственици велат дека влезот на земјава во НАТО ќе значи отворен влез за македонските производи на странските пазари. Драган Михајловски, сопственик на леарницата ДИЈАГ, каде што се изработува рекламниот материјал на контингентот на НАТО во земјава, вели дека е неопходно македонскиот производ да биде поквалитетен за да го прифати НАТО.

„Драстично треба да сте поквалитетен, подобар со цена, тајмингот на испорака, тука мора да се бориме, но тоа е пазар.“

Дека македонските производи се интересни за странските пазари потврдуваат и од фабриката за производство на опрема за тестирање возила МЗТ-ЕКА.

„Побогатите држави може да си дозволат да одат напред во таа дејност,“

вели Јосиф Јордановски од ова претпријатие.

За некој производ да се продава во земјите членки на НАТО потребно е да има таканаречен НАТО кодиификациски број, а процедурата да се добие истиот е долга и подразбира исполнување на одредени критериуми, посочуваат експертите.
XS
SM
MD
LG