Достапни линкови

Погледите за идниот косовски статус и натаму поделени


По вчерашниот состанок на Контакт групата во Лондон. Погледите за идниот статус на Косово и натаму поделени. Соединетите Држави велат дека ќе ја продолжат заедничката работа со Русија со цел да се најде мирно решение на една од најдолгите кризи на Балканот. Специјалниот пратеник Марти Ахтисари вели дека неговиот предлог за надгледувана независност е единствена солуција и оти на Русија ќе и биде тешко да се противи на тоа.

Соединетите Држави и другите членки на Контакт групата, како што е соопштено во Вашингтон, се свесни дека русите се загрижени, но исто така сметаат дека треба што е можно поскоро да се изнајде решние за Косово. Во таа смисла се и најавената посета на американскиот државен секретар Кондолиза Рајс на Москва кон крајот на месецов и дискусиите во Советот за безбедност на Обединетите Нации за планот за Марти Ахтисари за надгледувана независност.

„Нема да ги подобриме можностите за стабилизирање на состојбата на Балканот со одлагање. Работиме со сите страни за да дојдеме до решение.“

Изјави неодамна Кондолиза Рајс. И додека Ахтисари повторува дека неговиот предлог е единствено можно решение, официјална Москва останува на ставот дека не доаѓа предвид брзо усвојување резолуција во Советот за безбедност која би била заснована врз планот на Ахтисари.

„Некои сугерираат дека она што треба да се направи е Советот да ја замени резолуцијата дванаесет четириесет и четири со нешто што ќе ја отвори вратата за независност на Косово. Според мене, најнапред меѓународната заедница треба да биде сигурна дека нејзините одлуки во случајот резолуцијата дванаесет четириесет и четири се спроведуваат.“

смета рускиот амбасадор во Обединетите Нации Виталиј Чуркин кој наведува дека по посетата на делегацијата на Советот за безбедност во Белград и Приштина ќе дојде до вистински разговори за иднината на Косово. Новите разговори, според американскиот амбасадор во Светската организација Залмај Кализад, ќе значи одлагање на решението на косовското прашање:

„Веруваме дека би требало да се движиме што побргу и успешно да ја завршиме работата во врска со Косово.“

Вели Кализад кој како претседавач на Советот за безбедност во овој месец најави дека финалниот косовски статус ќе биде приоритетно прашање за Советот. Но, Јохан Вербеке, белгиски амбасадор во Њујорк кој беше на чело на делегацијата на Светската организација што во минатата недела го посети Косово оцени дека позициите на Белград и на Приштина остануваат спротивставени. Затоа, според него, станува јасно дека очекувањата меѓу мнозинската албанска популација на Косово за брза резолуција за статусот, односно до крајот на месецов, се, како што рече, многу високи.
XS
SM
MD
LG