Достапни линкови

Владата тврди дека им обезбдува повеќе мерки за стимулација


По 30 години работа во Германија во 2003 година Панче Трендафилов се вратил во Македонија. Трендафилов е еден од ретките македонски државјани кои по враќањето во земјата, одлучил спечаленото да го инвестира во сопствен бизнис, а со тоа да им помогне на младите луѓе кои немаат работа:

„Ги инвестираме парите и после да се има работа тука и да вработеме некои фамилии.“

Трендафилов е сопственик на фирма за продажба на автомобилски гуми, но по четири години од нејзиното постоење размислува истата да ја затвори. Причината за тоа се долгите процедури за добивање на дозвола за увоз на материјалите што му се неопходни за работа:

„Нешто не функционира во државата со законите или пак тие се добри и не се спроведуваат. Неможеме да работиме разочарани сме.“

Во неодлучноста на македонските граѓани да ја инвестираат својата заработувачка во сопствен бизнис во земјата, економистите гледаат неколку причини:

„Индивидуално лице кога ќе размисли дали би вложил во бизнис каде што имате несигурно соседство сигурно би донел негативна одлука. Или пак честото менување на законската регулатива, понудата која што може да ја обезбеди од технички аспект односно дали има добра инфраструктура доколку се реши да инвестира.“

посочува Марјан Николов од Центарот за економски анализи. Од Министерството за економија велат дека Владата има неколку мерки со кои македонските повратници се стимулираат да инвестираат во својата земја:

„Отпочнат е еден чекор како регулаторната гилотиња која ќе им овозможи на инвеститорите за многу краток рок да отпочнат со работење на нивната фирма. Потоа се нудат можности за потикнување на мали и средни бизниси, а исто така слободните економски зони се зони во кои покрај странските можат да инвестираат и домашните бизнисмени.“

вели Марија Весова портпарол на Министерството за економија. Сепак, Трендафилов посочува дека тоа не е доволно за стимулација на потенцијалните инвеститори, оти според него тоа што нив најмногу ги плаши е непочитувањето на законската регулатива и можноста тие да бидат измамени.
XS
SM
MD
LG