Достапни линкови

Заокружување на безбедносниот систем


Во овие месеци оценети од меѓународниот, но и домашниот фактор како клучни за македонскиот пат кон НАТО, земјава го заокружува безбедносниот систем во таа насока да одговара на оној на Алијансата која во последно време се справува со разни опасности од тероризам до елементарни непогоди, велат од надлежните институции во земјава. Притоа додаваат дека се работи и на тоа Македонија да учествува и во заедничката безбедносна политика на Европската унија. Резултат од оваа европска политика се воени и цивилни мисии, како онаа во Босна и Херцеговина, а за во Косово се најавува најголемата цивилна мисија.
Македонија велат упатените учествува во заедничката безбедносна политика на Унијата преку иницијативата на троиката која ја предводат претседавачот на Европската унија, првиот човек на Европската комисија и генералниот секретар на Советот за Европа која ја креира оваа политика, а на средбите учествуваат министрите за одбрана на земјите членки на Европската унија, кандидатите за членки како и оние земји кои се географски дел од Европа, но не се членки на Унијата.

Сепак процесот на оформување на европската безбедносна политика оди бавно

„Можеби успореноста оди затоа што ЕУ е хетерогена во однос на своите интереси, има повеќе членки од источниот блок,“

изјави Александар Генчев советник за политички прашања на министерот за одбрана и претесадтел на македонскиот Евроатлантски совет.

НАТО и Европската унија се залагаат за речиси исти демократски вредности. Владо Бучковски поранешен премиер и министер за одбрана укажува дека во Македонија во делот на одбраната се исполнети речиси сите стандарди

„Во делот на безбедносниот ситем недостасува реформа на вториот сегмент на безбедносниот систем, а тоа се полициските сили. ЕУ е многу заинтересирана и за реформите на полициските сили, а верувам дека час поскоро ќе се постави и прашањето за нашите разузнавачки структури и тука престои доста работа,“

вели Бучковски.
XS
SM
MD
LG