Достапни линкови

logo-print

Македонските бизнисмени велат дека се ставени во втор план


Домашните инвеститори се жалат дека владата е повеќе насочена кон привлекување на странски инвеститори на кои им се нудат повеќе поволности доколку решиле да инвестираат во државава, иако според македонските бизнисмени не се мали инвестиции што и тие ги вложуваат во земјава за развој на бизнис. Ристе Ристески директор на фабрика за кондиторски производи вели:

„Домашните инвеститори се ставаат некако во втор план, меѓутоа мислам дека за една држава да се развива треба повеќе внимание да им се посвети на домашните инвеститори.“

Владата донесе програма со која на странските инвеститори им се нуди ослободување од данокот на профит во траење од 10 години и ослободување од 50 проценти од персоналниот данок за првите пет години доколу 80 проценти од продажбата реализираат преку извоз. Наспроти, ваквите поволности кои сега им се нудат на инвеститорите, Ристески ги раскажува бариерите што тој ги поминал за да започне свој бизнис:

„Прво една година барав локација, потоа сам инвестирав во инфраструктура, а потоа околу документација за изградба на објектот, една година „лутав“ за да средам документи, што значи јас две години изгубив во тие работи место да напредувам.“

Посочува Ристески. Економските ескперти ги оправдуваат мерките што владата ги нуди за да привлече големи мегународни компании кои што ќе инвестираат во земјава. Професорот Душан Вељковиќ вели дека проблемот што вниманието кон домашните инвеститори е помало, е тоа што капиталот што се вложува од страна на светските е многу поголем отколку кај домашните компании.

„Општ проблем е недостиг на домашна акумулација и оттука не е проблем во стимулирањето, бидејќи во принцип треба да се стимулираат и домашните инвестции и тоа не помалку од странските.“

Вели професор Вељковиќ. Владата на домашните компании им помага единствено преку индиректни мерки за да ги поттикне да инвестираат, како што е проектот Регулаторна гилотиња со кој се намалуваат административните прописи. Во Министерството за економија нема податок за вкупниот број на домашни инвестиции, а Заводот за статистика домашните инвестициони вложувања ги евидентира само како инвестции во машини и опрема, кои во 2006 покажуваат пораст од 13,4% во однос на истиот период од 2005 година.
XS
SM
MD
LG