Достапни линкови

Брајан Шот советник за односи со јавност во Американската амбасада во Скопје. Македонските граѓани треба да работат на спроведувањето на Охридскиот Договор


Господине Шот и пред да дојдете да работите во Македонија, за вас оваа земја не беше непозната. Во 90-те години доаѓате тука за да ги истражувате меѓуетничките односи и култури во земјава. Што по 15 години се промени во сликата што тогаш ја имавте за Македонија?

Најпрво морам да кажам дека кога дознав дека ќе работам овде бев пресреќен што повторно ќе се вратам тука. Не беа 15-тина години, туку околу 8, мислам дека ја напуштив Македонија во 1995-96 година откако поминав четири години истражувајќи го животот тука од една антрополошка страна. Се фокусирав на стариот дел од градот, Старата скопска чаршија за да се обидам да ја разберам и неа и луѓето што живеат и работат таму во контекст на целиот град, на архитектурата,на животната средина, и како што знаете во тоа време Македонија се обидуваше да се етаблира како независна држава.

Како од денешна перспектива ги оценувате меѓуетничките односи во земјава?

Она што можам да го кажам е дека што се однесува до меѓуетничките односи сега, го имате Охридскиот рамковен договор, по 2001 година, ова е договор што ја засега иднината на земјата, иднината на сите граѓани на република Македонија и сите граѓани треба цврсто да работат на негово спроведување. Имав шанса минатата недела да се запознаам и да разговарам со група студенти за теми поврзани со демократијата, граѓанското опшество, демократските принципи. Студентите беа од различни етнички групи, Македонци, Албанци, Роми, Турци, Срби, Власи и др. Токму тие учествуваа во проектот Да учиме заедно, проект кој го поддржа Американската Амбасада, но она што се случуваше беа сериозни дебати и дискусии меѓу нив за значењето на демократијата, принципите на демократијата, тие беа таму, разговараа што значи тоа за нив. Дискусиите не беа секогаш лесни. Но тие разговараа. И јас би кажал дека тие јасно го разбираат концептот на Охридскиот договор, дека демократијата е процес што треба секојдневно да се развива и дека секој е вклучен во тој развој, вие, ние кои ги поддржуваме македонските напори. Овој процес не е секогаш јасен, станува збунувачки понекогаш, зошто луѓето секогаш не се согласуваат. Но токму за тоа се работи, за отворена размена на мислења, градење иднина за сите генерации во Македонија. Значи имате артикулиран договор кој треба да се спроведе и тоа е процес што треба да продолжи.

Работите како советник за односи со јавност во Американската амбасада во Скопје, а тоа вклучува постојан контакт со медиумите. Може ли да зборуваме за професионално и објективно известување во македонските медиуми?

Ќе кажам без двоумење. Има професионалци тука, кои работат и во електронските и во печатените медиуми, дневни или неделни. Не се работи за тоа. Ми се чини дека и електронските и печатените медиуми се обидуваат да создадат свој идентитет или бренд. Можете да ги следите приказните што одредени медиуми ги пласираат и можете да развиете начин за да го опишете тоа. Она што ќе го кажам е дека имате квалитетна програма, визуелно приемчива, имате јасни информативни текстови во весниците и неделните списанија. Има ли простор за напредок, може ли подобро? Да, секогаш може подобро. Но дали тоа значи дека нема уредници или новинари кои се подготвени за напредок? Не, напротив има многу такви кои се посветени на работата и напредувањето во медиумското опкружување кое е преполно, последниот пат кога броев имаше околу 10 дневни весници, шест национални концесионери, околу 50 приватни или повеќе телевизии. Значи квантитет има, што се однесува до квалитетот, веќе реков имате професионалци кои се посветени на работата и кои ќе продолжат да го прават тоа. Спомнавте објективност. Мислам дека вистинскиот збор е баланс, гледано од новинарска перспектива. Бидејќи она што всушност е новинарство е информирање на публиката со тоа што се случува во општеството. Тоа е релевантниот критериум. Кога ќе го вклучите телевизорот дали очекувате да добиете балансирано покривање на настанот или кога ќе отворите весник ги гледате ли само негативните или и позитивните саспекти на приказната, ја гледате ли само едната или и двете страни на дебатата? Животот е комплексен, светот е комплексен, живееме во комплексно политичко, социјално и културно опкружување и мислам дека луѓето имаат право да гледаат толку колку што можат. И една од задачите на новинарите е да информираат. И тоа балсансирано да известуваат. Тоа не значи дека треба да се согласите со сите различни мислења, не би било интересно ако се согласувате, но луѓето треба да добијат балансирано покривање на настаните и мислам дека тоа е најважно.

Во овој контекст, Американската амбасада доделува стипендии за усовршување во новинарството. Колку сте задоволен од резултатите на македонските новинари во американските медиуми и дали има разлика во начинот на нивното работење по враќањето од Соединетите Држави?

Во право сте. Сигурно сте запознаени дека неодамна заврши конкурсот за стипендии за професионално усовршување на новинарите и медиумските професионалци. Тоа привлече голем број заинтересирани новинари и како и секогаш сега следува најтешката работа, селекцијата. Оваа специфична програма овозможува можности за академско учење, можности за практична работа во некој медиум. Учесниците во оваа програма ќе продолжат да работат, како уредници, ќе напредуваат во својата професија. Тоа е програма за размена и вистинскиот бенефит е долгорочен, не се забележува веднаш во некоја емисија или текст. Тоа се вештини кои се учат. Но она што овие учесници во оваа но и во други програми за размена го добиваат се поинакви размислувања за животот во Соединетите Држави, за културата, поинаков начин на работа во медиумите, друг начин на интеракција и соработка со колегите во истиот или во друг медиум. Таквото искуство ги збогатува на начини кој не е секогаш лесно да се опишат или да се видат во некој текст. Можеби ќе забележите побалансиран пристап во известувањето, но она што важно е е новото искуство што го добиваат живеејќи во друго општество. Вистинскиот бенефит е долгорочен, сега имаат нови искуства кои можат да ги поделат со своите колеги, ги приближуваат културите на двете земји. Тие не земаат само од Соединетите Држави, живеејќи таму тие ги пренесуваат своите размислувања за Македонија, за тоа какво е македонското новинарство кај своите американски колеги. Сега група на луѓе во Соединетите Држави знае нешто за Македонија, а тоа е непроценливо искуство.

Господине Шот, дали Американското катче ја исполни својата цел, да биде културен мост меѓу двете култури, американската и македонската?

Неможев да го кажам подобро ова, бидејќи токму тоа е прецизно целта. Да се изгради мост кој ќе придонесе двете култури и општества подобро да се разберат. Дали Американското катче ја постигна својата цел? Без двоумење би кажал ДА. Дали завршивме? Апсолуно НЕ. Зошто повторно, градењето на вакви односи меѓу македонската јавност и Соединетите Држави, независно дали е тоа преку презентација, интеракција, или преку некој кој ќе дојде овде и ќе одржи некакво предавање или доволно е само некој да дојде да се поврза со интернет страната на некоја американска институција и прочита некоја информација за некој аспект на политиката на американската влада или пак ако некој позајми некоја книга од катчето секогаш ќе дознае информација што претходно не ја знаел. Знаете дека освен во Скопје и во Битола има американско катче. Направивме статистика за ова и дознавме дека овие две катчиња ги посетиле повеќе од 20 000 луѓе минатата година, тоа вклучува околу 250 програми што биле спроведени, во некои вод нив учествувале претставници на Американската амбасада, во некои учествувале македонски претставници, некои биле поетски читања или часови по конверзација на англиски јазик и повеќе од 350 луѓе учествувале во тие програми. Ќе кажам да, катчињата работат, интересот продолжува да расте, што значи се повеќе луѓе сакаат да бидат дел од нив. Дали е тоа цел што е постигната? Па, се надеваме дека тоа е врска што ќе продолжи бидејќи продолжувањето на градење на мост меѓу двете земји е важно.

Американската амбасада е активно вклучена во културниот развој на земјава. Кои се проекти досега ги спроведовте во оваа сфера и кои се идните планови во оваа насока?

Ќе спомнам неколку работи, целта е иста како и кај американското катче, промовирање на заедничко разбирање, работење со македонските партнери за да се промовира различностите и спецификите на друго општество, како на пример американското. Бараме начини да соработуваме со организации во Македонија, владини или невладини, културни и др . за да пробаме да ги споделиме аспектите на живеење во Соединетите Држави. Наскоро ќе заврши проектот за реконструкција во Тетово, во Стариот Амам, што беше поддржано од Фондот за заштита на културното наследство и се надеваме дека во блиска иднина ќе се отвори, тоа ќе ја претвори старата бања во Тетово во јавно место каде што повторно ќе се собираат луѓето и ќе одржуваат претстави и настани. Можеби слушнавте за проектот Кокино, во близина на Куманово, исто така подржан од фондот за културна заштита и се надеваме дека со овој проект Кокино ќе се стави на туристичката мапа, на луѓе кои се заинтересирани да го посетат. Според НАСА ова е една од најстарите опсерватории во светот. Значи целта е Македонија да се развива и што повеќе луѓе да доаѓаат да ја посетат. Работиме и на фестивалот Струшки поетски вечери, се обидуваме да ја поддржиме таа долгогодишна, традиционална манифестација од големо значење, понатаму го поддржавме и уметничкиот проект за мултикултурен танц, што донесе танцувачки групи од Соединетите Држави кои работеа со исти такви групи од Македонија и Албанија, ашто пак резултираше со настап на македонските танцувачки групи во Њујорк.
Значи, тоа се прецизно програмите што ги поддржавме. Но сите овие се со цел да осигурат и да помогнат целосно да се разбере културата на Соединетите Држави. Ние не сме само популарна музика, блокбастери филмови, не сме фокусирани само на меѓународната политика, или плаќањето даноци во овој период од годината. Има и други аспекти на Соединетите Држави и токму тие сакаме да ги поделиме со вас.
XS
SM
MD
LG