Достапни линкови

Поништување на идеолошката вредност, сметаат експертите


Излегувањето на Партијата за демократски просперитет од коалицијата ДУИ/ПДП нема да предизвика проблеми во одвивањето на политичкиот дијалог меѓу власта и Демократската унија за интеграција, реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Напротив ова ќе предизвика забрзување на предоворите, вели Оливер Шамбевски од оваа партија.

„Не верувам дека ќе имаат некакво влијание врз текот на дијалогот, мислам дека може на одреден начин истиот да го зајакнат, односно забрзаат.“

И од Демократската унија за интеграции велат дека нема да има промени во начинот на кој се одвива политичкиот дијалог. Според Муса Џафери, член на работната група на ДУИ во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, влегувањето на ПДП во власта нема да предизвика промени во суштинските барања на ДУИ во преговорите.

„Мислам дека тие се некои теми кои треба да се надминуваат, треба да се најде решение и не треба да се гледа само од аголот на моменталната конјуктура или од преговорите што ги има господинот Вејсели со премиерот Никола Груевски.“

Во меѓувреме пак, информациите во јавноста дека премиерот Никола Груевски им понудил на малите политички заедници влез во владата, ги негира првиот човек на Демократската патртија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ.

„За сега, немаме никаква покана, ниту пак имаме остварено средба со претседателот на владата или претставниците на ВМРО-ДПМНЕ“

Евентуалното приклучување на малите етнички заедници во власта ќе предизвикаат окрупнување на парламентарното мнозинство и поголема политичка моќ на помалите партии врз извршната власт, посочуваат политичките аналитичари. Еве што тоа ќе значи за политичката сцена во земјата, според политикологот Дане Талески.

„Со оваа иницијатива и со влегувањето по секоја цена на било која партија во извршната власт, се поништува идеолошката вредност на политичките партии и се создава слика дека во владата може да партиципира секој што е подготвен за влез во заедничка коалиција.“

Според Талески влезот на малите политички заедници во владата би резултирал со загарантирани места на нивните пратеници во парламентот. Тој посочува дека токму нивните гласови се важни за исполнување на Бадентеровиот принцип.
XS
SM
MD
LG