Достапни линкови

Граѓаните реагираат, Синдикатот бара негова измена, Министерството за труд не ги прифаќа предлозите


„Јас сега на 56 години неможам да работам, а не на 62 години. Тоа можат да го издржат министри, тие можат и до 80 години да работат, а не до 62 или 64 години. Под итно да се смени законот, бидејќи и младите треба да се вработуваат.“

Ова е реакцијата на една 56 годишна скопјанка, вработена како хигиеничарка како коментар на примената на новиот закон за пензиско осигурување според кој од септември годинава вработените во пензија ќе заминуваат само врз основа на возраста и тоа 64 години за маж и 62 години за жена, наместо досегашната примена според која за пензионирање беа потребни 40 години стаж за маж и 35 за жена. Работниците во градежништвото, фабричките работници, здравството, вработените во хемиската индустрија се сметаат како најпогодена група од новиот закон за пензионирање. 64 односно 62 години, сметаат граѓаните, е возраст во која веќе неможе да се очекува продуктивност. Меѓу нив, нема тон на одобрување за новиот закон за пензионирање:

„Па мислам дека треба да земаат пензија луѓето штом ќе направам 40 години стаж.“

„64 години е многу. За работни места, како универзитетски професори или некои други во ред, меѓутоа градежните работни, општите работници и други тоа неможат да го издржат.“

„Возраст е, за активна работа тоа е голема возраст, границата е преголема.“


Забележуваат граѓаните.
На неколку месеци пред почетокот на примената на новиот закон за пензиско осигурување, Сојузот на синидкати под мотото ,,Сакаме избор при пензионирањето“ покренува иницијатива за негово пролонгирање до 2010 година и предлага неколку измени во законот:

„Прво бараме продолжување на условот работен стаж во 2010 година. Второ предлагаме во Република Македонија да се предвиди и предвремена, односно нецелосна старосна пензија.“

Изјавува Љиљана Јанкуловска раководител на секторот за економско-социјални прашања при Сојузот на синдикати на Македонија. Во надлежното Министерство за труд и социјална политика, нема расположение за прифаќање на овие предлози на ССМ кои веќе им се доставени:

„Зголемувањето на бројот на пензионери е сериозна закана за апсолвентноста на Фондот за пензиско осигурување и опасност за уште поголеми трансфери од буџетот, како дефицит и покрај транзиционите трошоци.“

Истакнува Жаклина Величковска портпарол на Министерството за труд и социјална политика.
XS
SM
MD
LG