Достапни линкови

Преминувањето за овие општини ќе биде пробно, а останатите ќе добијат помош


На два месеци пред 1 јули, само десет од вкупно 84 општини се подготвени за преземање на втората фаза од децентрализацијата, односно фискалната децентралзиација. Ова го укажуваат од Комисијата за оценка на условите на општините за преминување во фискалната децентрализација при Министерството за финансии, која изврши бодирање на општините според условите кои од првата фаза требаше да ги исполнат, а тоа се тие да имаат формирано соодветено административно одделение за финансиско работење и да покажат стабилно финансиско работење, односно да се без долгови во првите две години од децентрализацијата. Сето ова е услов за тие да можат да ја преземат фискалната фаза односно да преминат од досегашното наменско на финансирање со блок дотации. Снежана Костадинова Милошевска претседател на Комисијата изјавува:

„Десетина општини има релативно кои што добро работат, а генерално 22% од општините не ги исполниле условите дури и од првата фаза на процесот на децентрализација.“

Милошевска истакнува дека за неподготвеноста на поголемиот број од општините информирана е и Владата на која е и препорачано подготвените општини пробно да ја преземат фискалната децентрализација, а на останатите ќе им се пружа помош за да ги исполнат условите:

„Тие што се најблиску до исполнување на условите да им се овозможи пробно да влегуваат во втората фаза, а останатите општини ги подготвуваме да ги подобрат капацитетите за подобро финансиско управување.“

Изјавува Милошевска. Но, општинските власти реагираат дека строгите критериуми што Министерството за финансии ги утврдило за оценка на општините го доведува во прашање процесот на фискална децентрализација. Иако меѓу првите пет успешни рангирани општини кои можат да го преземат овој процес, градоначалникот на Велес Аце Коцевски со забелешка:

„Ќе признаеме дека процесот на децентрализација не бил успешен, бидејќи ако само толку малку општини ги исполнуваат условите за влез во втората фаза значи дека нешто не е во ред.“

Вели Коцевски. Најслаби резултати, а со тоа и неможност да преминат во фискалната фаза во утврдениот рок имаат покажано руралните општини. Проблем се различните стартни позиции меѓу градските и селските општини, вели градоначалникот на општина Чашка Стојан Маневски:

„Сметам дека поголем дел на општини, посебно руралните, од самиот почеток се соочија со многу поголеми проблеми отколку што тоа е случај со градските општини.“

изјавува Маневски.
XS
SM
MD
LG