Достапни линкови

3,000 денари се многу пари


Што се можете да купите за три илјади денари?

„Можам да си купувам за јадење за цела недела.“

„Три илјади денари се многу пари и можам цела недела да поминам дома.“


Објаснуваат граѓаните колку им значат три илјади денари или 50 евра колку што Владата пресмета дека во иднина согласно својата воља ќе може да им даваат подароци на службените лица откако неодамна го усвои предлог законот за спречување на судир на интереси како дел од борбата против корупцијата. Три илјади денари е една четвртина од просечната плата во државава која изнесува околу 12-тина илјади денари, или пак една цела половина имајќи предвид дека многумина вработени земаат и по шест илјади денари месечно. Па за граѓаните неприфатлива е можноста за подарок од 50-тина евра:

„Не е во ред бидејќи ако земе 50 евра ќе земе и 5 илјади евра.“

„Јас само ќе ви кажам еден пример. Јас сум дел од одборот за изградба на црква во населбата Ченто и граѓаните кои што доаѓаат ни оставаат по два, пет или најмногу 10 денари и месечно собираме шест илјади денари, а замислете по 50 евра да се зема.“


Повисоки плати, а не законско регулирање на подароци кои може да им се даваат на службените лица, ова е пораката на граѓаните до властите за реална борба против корупцијата:

„Државата треба да им дава плата, а не други да им даваат подароци.“

На службениците може да им се подарува подарок во висина од 50 евра, но на службените лица им е забрането да примаат подароци во облик на хартии од вредност, златни и скапоцени предмети или пак готовина, стои во предлог законот за спречување на судир на интереси. Додека граѓаните реагираат на висината на утврдената цена, експертите сепак додаваат дека ова е чекор напред во борбата против корупцијата бидејќи досега оваа свера кај нас не била регулирана, а според нив ова е искуство преземено од другите земји:

„ Ние досега немавме никакви одредби од овој тип и беше оставено буквално кој што сака да прави и често се поклонуваа скапоцени подароци.“

Изјавува Слаѓана Тасева поранешен претседател на Антикорупциската комисија.
Според експертите во законот кој сеуште е во фаза на предлог мора да се регулира висината на подарокот со висината на платата на граѓанинот кој го нуди, како и бројот на подароци што месечно или годишно може да им се подарат на службениците.
XS
SM
MD
LG