Достапни линкови

Развој на економските односи се главна цел на посетата, велат од МНР


Развој на потенцијалите за поголема билатерална трговска соработка и разгледување на можностите за повторно враќање н македонските стопански субјекти на сирискиот пазар, ова е целта на посетата на шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски на Сирија, информираат од Министерството за надворешни работи:

„Ние имаме односи со тие земји, нашите компании работат со тие земји, меѓутоа тој пазар не ни е развиен, ниту пак политички имајќи ги предвид нашите капацитети и досегашни интереси како земја која досега била претежно фокусирана на политички интереси тој дел од светот ни е помалку опфатен меѓутоа сега одиме и на таа димензија со оглед на тоа дека сега повеќе внимание се посветува и на економските односи имајќи предвид дека тоа е голем пазар.“

Изјави портпаролот на МНР, Шпреса Јусуфи.
Таа додава дека економските односи на Македонија со земјите од Блискиот Исток се недоволно развиени. Се работи за големи интересни пазари и токму затоа се посветува внимание на економската димензија на ваквите посети, вели Јусуфи.Според Стојан Андов пак,поранешен амбасадор во Ирак и познавач на блискоисточниот регион, Македонија треба да има претпазлив однос кон градење на поширока соработка со блискоисточните земји:

„Ние немаме економска сила сами да одиме таму, туку треба да имаме некој партнер со кој ќе можеме да одиме.“

Неодамнешната посета на претседавач на Претставничкиот дом на Американскиот конгрес, Ненси Пелоси на Дамаск предизвика остри реакции во Бушовата администрација. Вашингтон тврди дека сириските власти ги поддржуваат милитантните групи Хамас и Хезболах, и дека на Блискиот исток служат како продолжена рака на Иран. Од македонското Министерство за надворешни работи, велат дека по посетата на Милошоски во Сирија, не очекуваат промени во американско-македонските односи.

„Не очекуваме такво нешто со оглед на тоа дека се работи за посета која што има стопански карактер и се разбира Македонија не е единствената земја која економски соработува со Сирија, вклучувајќи ги и Соединетите држави.“

Во насока на подобрување на економсите односи на Македонија со другите земји е и последната одлука на владата за воведување на таканаречена економска дипломатија. Нејзината цел е преку стимулација на дипломатско-конзуларните претставништва во странство да се презентира економскиот потенцијал на Македонија и да привлече странски капитал.
XS
SM
MD
LG